Денеска се одбележува една година од 24 декември, 2012 година, „црниот понеделник“. Денот кога власта на ВМРО ДПМНЕ, одлучи да го погази Уставот на Република Македонија, Законот за Собранието и Деловникот за работа на ова Собрание, рече денеска координаторот на пратеничката група на СДС, Игор Ивановски.
– Нешто што се констатираше и со официјален Извештај на официјалната Комисија за настаните од 24 декември. Со тој Извештај и официјално се констатира дека само заради криминално трошење на пари и обезбедување на заеми од странство, власта одлучи да го погази Уставот, и како во никоја друга европска и светска држава, со полициска интервенција да ги исфрли пратениците од опозицијата, нас, но и медиумите во Република Македонија, рече Ивановски.
Според него власта пред една година, со полиција избрка легални и легитимни претставници на над 400.000 граѓани на Република Македонија. 24-ти декември 2012 година, не може и не смее да биде заборавен, тој ќе остане како датум врежан во македонската историја, во македонското минато, сегашност, но и иднина. За жал една година потоа, никој не понесе политичка одговорност, ниту нарачателот Никола Груевски, ниту извршителот Трајко Вељаноски и компанијата околу него.
„На една година од 24 декември 2012 година, бараме од Вас, лицето Трајко Вељаноски, да им се извините, не на нас пратениците, туку на граѓаните и на јавноста, за тоа што ја доведовте Република Македонија, на местото број еден, на столбот на срамот, и во Европа, и во светот. Ви даваме шанса да се придружите и дел да се искупите од тоа што го направивте.
– Бараме од Вас да ни се придружите и со едно минутно молчење, да оддадеме признание и почит на 24 декември 2012 година, „црниот понеделник“, најмногу од се за да не се повтори. Бараме од Вас да свртиме грб на режимот, а да ја погледнеме и да се избориме за слободата на Република Македонија. Ги повикувам колегите и колешки пратеници да ни се придружат во едно минутното молчење, по повод 24 декември 2012 година“, побара денеска во Собранието СДСМ.




