Бараме начин за преживување и егзистенција на една сериозна бројка на луѓе, коишто во овој момент се пред Собранието, обезбедени со броен кордон на тешко вооружени единици на Министерството за внатрешни работи, рече пратеникот Игор Ивановски, на деветтото продолжение од седница бр. 74 на Собранието на Република Македонија.
извадок од говорот на Ивановски:
Во ова Собрание може да влезе било кој, кој сака, а најчесто тој што не му е местото овде. Но, народот не може да влезе.
Јас не сум сретнал човек кој што може да преживее со муабет за вчера. Ако вие ги побиете основните човечки закони во светот, сите пратеници и пратенички од ВМРО-ДПМНЕ кандидирајте се за нобелова награда. Сите до еден зборите за вчера.
Да ве потсетам дека законот за приватизација беше предложен од страна на Владата на Никола Кљусев. За тоа ли да ве потсетам?
Мислам дека е непотребно и мачно да ви зборам дека Никола Груевски не направи 7.000 стечајци, колку што своевидно баравме и сега за жал тој број се намалува, бидејќи луѓето умираат. Тој направи многу повеќе стечајци само со еден потпис. Со ФЕСЛ 2 Аранжманот. 30.000 со еден потпис. Цели фабрики во Куманово, Велес, Пробиштип, Штип, Радовиш, Струмица, Гостивар, Охрид. Список е тоа, на интернет објавено. Сите ја знаат, стои доле потпис. Не на Игор Ивановски, туку на Никола Груевски.
Кој е премиерот со најдолг стаж во оваа држава? Никола Груевски. Ако му ги додадеме и 4 години како министер, тој е индивидуата во овие 22 години на Македонска независност со најдолг извршен политички стаж. Не Игор, не е ни Бранко Црвенковски, туку Никола Груевски. Тој има најдолг стаж. И како мислите дека со 10 напишани реплики, додека луѓето надвор со гладни стомаци се обезбедени со тешко вооружени полицајци, небаре офанзива ќе прават на Собранието.
Кога зборите за овие луѓе не зборете како да не се човечки суштества. Па со кој образ вие зборите стечајците вакви, тие биле ваши. Тие не се предмети, тие се луѓе. Нечии мајки, татковци, синови и ќерки на некои родители коишто веќе ги немаат, дедовци и баби. Тие имаат семејства, тие се луѓе од крв и месо.
Кој ви дава за право да вие ги делите луѓето на гласачи на СДСМ и гласачи на ВМРО-ДПМНЕ? Демек ако се на ВМРО, ќе им помогнеме. А ако се на СДСМ, ќе ги оставиме да умираат и нека немаат пари за јадење и за сметки.
Сакам да прашам во овие 1600 изманипулирани, на лотарија наводно одбрани коишто ќе се вработуваат, требаше во Македонски шуми, а сега не знаете каде да ги вработите, има ли некој од стечајните работници?
Вие не сакате да им помогнете на стечајците.
А да ја дадеше малку општествената одговорност Никола Груевски? Затоа што е платен и избран и троши наши пари, а не од дома, негови. И да им помогне на овие луѓе.




