ИВЗ нема намера да разговара со Комисијара за односи меѓу верските заедници околу намалувањето на јачината на гласот од минарињата на џамиите, јавува Алсат-М.
Исламската верска заедница на Македонија и порача на претседателката на Комисијата, Валентина Божиновска, која ја предводи иницијативата, да се занимава со решавањето на реалните проблеми на верските заедници во Македонија, како и тоа да ги остави на мира Муслиманите во вршењето на нивните верски обврски.
Според ИВЗ, може да се разговара само за прашањата кои со години наназад ги вознемируваат муслиманите во земјата, како што е Бурмали џамијата, џамијата во Прилеп, крстовите врз Саат Кулата и слично.
Портпаролот на ИВЗ, Абаз Ислами петицијата за намалување на јачината на гласот од минарињата на скопските џамии ја нарече манипулација од самата Божиновска.
„По се изгледа претседателката на Комисијата за верски прашања Божиновска не ја фаќа сон околу петицијата која ја упатило едно здружение кое е манипулирано од нејзина страна. Но, ние ќе и порачаме нејзе дека таа треба многу повеќе да се грижи и да биде загрижена за многу поголеми прашања кои се присутни во оваа земја, за многуте барања на Муслиманите кои ги поднела ИВЗ до Владата, за кои е запознаена и таа, како што се повторната изградба на Бурмали џамијата, Чарши џамијата во Прилеп, отстранувањето на крстовите од Саат Кулата и многу други прашања кои се од поголема важност за оваа држава и за нејзината иднина, отколку да се занимава со петиција која се однесува на намалувањето на јачината на гласот од минарињата на џамиите“, иајави Ислами.




