Според работната група за прочистување на избирачкиот список, Државната изборна комисија до декември треба да го преземе од ДЗС. Претседавачот на работното тело, Бедредин Ибраими смета дека ДИК треба да го преземе водењето на избирачкиот список, а во секоја единица на локалната самоуправа еден службеник да биде надлежен за негово ажурирање.
Таквиот став го поддржуваат и претставниците на власта и опозицијата.
Претставникот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Тодоров вели дека партиите кои ги губеле изборите во минатото, секогаш како една од главните причини за поразот го посочувале неажурираниот избирачки список. Сепак, истакна дека пред последниот изборен циклус партиите постигнале согласност дека од него биле отстранети лицата без право на глас.
Дамјан Манчевски од СДСМ пак смета дека треба да се работи на јакнење на капацитетите на ДИК на централно и локално ниво.
Според претставникот од ОБСЕ, Џон Арон, неопходно е анкетирање на терен за да се спречат појавите од минатото за голем број гласачи на иста адреса, двојни податоци или пак починати лица кои фигурирале на избирачкиот список. Арон вели конкретните активности за прочистување на списокот би требало да започнат најдоцна три месеци по завршувањето на изборите.




