Работна група иницирана од ДИК наскоро ќе започне нова проверка на Избирачкиот список. Ова како што објавува Балкан инсајт е договорено меѓу четирите поголеми партии, откако СДСМ го проблематизираше претходното прочистување на списокот.
Методологијата допрва ќе се утврдува.
Според минатонеделниот договор, работната група ќе се состои од претставници на политичиките партии и експерти од ОБСЕ и Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС), од меѓународни експерти за изборни системи, локални набљудувачи, претставници од МВР и Заводот за статистика.
Претседателот на ДИК Александар Чичаковски изјави дека од вкупно 1 милион и 800 илјади запишани гласачи, дополнителна проверка е потребна за 226.000.
При претходната проверка во март и април ДИК откри дека 71.000 лица кои не се наоѓаат во датотеките на ниту една институција, кои според Чичаковски, или се иселени, или се постари луѓе кои не се наоѓаат во здравствениот систем, иако на дел од нив гласачкото право им е спорно.
Тој тогаш изјави дека дополнителни 116.000 лица се наоѓаат во дата базите, но не се ажурирани, додека 39.000 лица не биле пронајдени на нивните адреси за време на теренската проверка.
Предвремените парламентарни избори годинава двапати беа одложени, во април и во јуни, откако ЕУ и САД како и повеќето поголеми партии констатираа дека не се спроведени неопходните реформи за фер избори.




