Со преброени околу 80 проценти од гласовите, Нова Демократија е победник на превремените парламентарни избори во Грција што се одржаа денеска. Резултатите покажуваат дека досегашната опозициска партија на лидерот Киријакос Мицотакис има водтсво кое гарантира дека самостојно ќе може да формира влада, додека 6 партии обезбедуваат места во парламентот.
Според моменталниот резултат распоредот во Парламентот е следен:
Нова Демократија освои 39.72 отсто гласови и 158 места
Сириза – 31.59 отсто и 86 места
КИНАЛ – 7.90 % и 22 места
Комунистичката партија на Грција (ККЕ)- 5.37 % и 15 места
Грчко решение на Киријакос Велопулос – 3.74 % и 10 места
МЕРА 25 на Јанис Варуфакис- 3.49 % и 9 места
Златна Зора со 2,96% не успеа да освои место во Парламентот, а партиите Река и Независни Грци решија да не учествуваат на овие избори.

Согласно грчкиот Устав, партијата што ќе освои најголем број гласови и ќе победи на изборите, во понеделник, од претседателот на земјата ќе добие 72часовен мандат за формирање влада. Доколку не успее да формира влада, го враќа мандатот, кој потоа го добива втората и на крај третата партија, доколку и вториот обид е неуспешен.
Новоформираниот Парламент ќе се отвори на 17 јули со свечена заклетва на новите пратеници, следниот ден ќе се гласа новиот претседател на Парламентот, а потоа и презентирање на владината програма и гласање доверба на новата влада.
Мицотакис: Се разденува нов ден за нашата татковина
Одлуката на народот е јасна, општеството сака обединети да одиме напред, пред се сака развој, работни места и безбедност за Грција одново да стане силна како што и заслужува, рече лидерот на Нова демократија, Кирјакос Мицотакис во неговото обраќање до Грците, по победата на неговата партија на парламентарните избори, јави МИА од Атина.
-Преземам да ја водам земјата и целосно сум свесен за националната одговорност, рече Мицотакис.
Тој им се заблагодари на Грците за довербата, рече дека ќе биде премиер на сите граѓани и напорно ќе работи за да ги убеди и оние кои не гласале за него дека ќе се бори за сите. Истакна дека нивна должност е да ги обединат Грците и ќе го сторат тоа во пракса.
– Од денес почнува една тешка, но убава битка. Земјата повторно гордо ја крева главата. А ние ги засукуваме ракавите. Новата влада ќе работи напорно, тимски и скромно. Со почит на силниот мандат што го доби од народот, рече Мицотакис и ги спомена неговите предизборни обврзувања, за помалку даноци и многу инвестиции, за нови работни места, за развој и за подобри плати и пензии.
Новиот премиер на Грција кој од утре ќе ја преземе должноста рече дека со работа владата започнува веднаш, а Парламентот ќе работи цело лето.
-Од утре небото ќе биде посино, а сонцето посветло. Се разденува нов ден за нашата татковина, рече Мицотакис на крајот од неговото обраќање до јавноста.
Веднаш потоа, новиот грчки премиер им се обрати и на поддржувачите и симпатизерите на Нова демократија кои беа собрани пред седиштето на партијата.
Ципрас: Со крената глава ја прифаќаме одлуката на народот
Граѓаните ја донесоа нивната одлука, целосно ја почитуваме одлуката на народот, рече грчкиот премиер во заминување на почетокот на неговото обраќање пред новинарите, но и пред јавноста од прес центарот во салата за конференции Запио.
-Се боревме и постигнавме многу секогаш со крената глава и сега, повторно со крената глава ја прифаќаме одлуката на народот. Со крената глава бидејќи знаеме дека Грција што ѝ ја предаваме на новата влада нема никаква врска со тоа каква беше Грција кога ја презедовме, истакна Ципрас.
Грчкиот премиер во заминување рече дека стапил во контакт со Кирјакос Мицотакис за да му честита за победата и утре ќе го прими во премиерската палата за да му ја предаде функцијата.
Алексис Ципрас истакна дека тие ќе бидат одговорна и динамична опозиција, а говорејќи за изминатите четири години рече дека донеле тешки одлуки и презеле тешка политичка цена, кое и денес го плаќаат, бидејќи „изборната доминација на Нова демократија е јасна“ и додаде дека изборниот резултат не е стратешки пораз за СИРИЗА
-Денеска, за нас, за мене, за СИРИЗА се затвора еден голем и тежок циклус, рече Ципрас, истакна дека ќе разгледаат се што сториле и она што било правилно но и грешките што ги направиле и ќе ја презеде одговорноста.






