Лидерот на главната турска опозициска Републиканска народна партија Кемал Киличдароглу изјави дека се забележани изборни нерегуларности во југоистчниот дел на земјата и упати апел до набљудувачите да „не забораваат дека се државни службеници“, а не „се во служба на политичка партија“.
Претседателот на турската Изборната комисија, Саид Гувен истакна дека се покренати „административни и кривични процедури“ против сторителите.
Претходно на социјалните мрежи беа објавени видео снимки на кои се гледа групно гласање во градот Суруџ, во провинцијата Санлијурфа, во близина на јужната граница со Сирија.
Во Турција денеска се одржуваат претседателски и парламентарни избори. Во претседателската трка учествуваат шест кандидати: Реџеп Тајип Ердоган, Догу Перинчек, Мерал Aксенер, Мухарем Инџе, Селахатин Демирташ и Tемел Карамолаоглу.
Додека на парламентарните избори учествуваат осум партии обединети во две предизборни коалиции и уште три партии настапуваат самостојно.
Едната коалиција е Народна алијанса (или Републиканска алијанса) составена од владејачката Партија на правдата и развојот и Партијата на национално движење, а неофицијално е поддржана од Партијата на големо единство.
Другата коалиција е Сојуз за нацијата, составена од главната опозициска Републиканска народна партија , Добра партија и Партија на среќата, а неофицијално ги поддржува Демократската партија.
На изборите покрај партиите од двете големи коалиции учествуваат и други три партии – турската прокурдска Народна демократска партија и Татковинската партија и Партијата Худа-пар.
Во согласност со законските измени, турскиот Парламент ќе има 600 наместо 550 членови во иднина. Мандатот на претседателот и на пратениците е пет години.