„Единствена Русија” на Владимир Путин оствари убедлива победа на регионалните избори во Русија, кои се одржаа вчера. Со тоа Русите покажаа високо ниво на поддршка за актуелното раководство на земјата, јавуваат руските медиуми.
Изборите се одржаа во 84 региони на Русија – се избираа гувернери, пратеници во локалните законодавни органи и градоначалници на градови и општински советници.
Сите кандидати кои остварија победа во трката за позициите на раководители на руските региони, се од партијата „Единствена Русија”, јавуваат руските медиуми.
За прв пат во составот на Русија гласаа и жителите на Крим и Севастопол. Тие избираа пратеници во локалниот парламент и градоначалници.
Внатрешното министерство на Украина тврди дека според руското законодавство за регионални избори во Крим и Севастопол, вчерашните избори се нелегитимни, пренесе ИТАР-ТАСС. Од министерството истакнаа дека Крим и Севастопол остануваат составен дел од суверената украинска држава.