Во општините Маврово/Ростуше и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако претходните избори минаа со недоволна излезност на гласачите, додека во Тетово се одржуваат вонредни избори за советници по неуспешниот обид за договор за мнозинство во општинскиот Совет. Според досегашните информации, навреме се отворени сите гласачки места.

Право на глас на локалните избори за градоначалник во Маврово/Ростуше и во Центар Жупа и за советници во Тетово имаат вкупно 101.174 гласачи, кои ќе гласаат на 172 избирачки места, информираа од Државната изборна комисија (ДИК).

Во Тетово во Избирачкиот список се запишани 84.072 избирачи на 117 избирачки места. Во Маврово/Ростуше има 9.948 гласачи на 39 избирачки места, а во Центар Жупа 7.145 на 16 избирачки места.

Изборите ги следат 49 акредитирани набљудувачи од една домашна и една странска организација.

Правото на глас во текот на вчерашниот ден го остварија болните и изнемоштените лица и затворениците во трите општини.

На овие избори се користат уредите за биометриска идентификација на гласачите и нема да се применуваат мерки за заштита од ковид-19, како во изминатиот период.

Евентуален втор круг на изборите за градоначалници во Центар Жупа и Маврово/Ростуше би требало да се одржи за две недели, односно на 3 септември.