Парламентот на Србија синоќа го одобри новиот состав на Владата. Поддршка му изразија 134 пратеници, 65 беа „против“ и 51 „воздржани“. Избрани се 11 нови министри.
Ивица Дачиќ најави прва седница на Владата за денеска.
Нови министри се: за сообраќај Александар Антиќ, за образование, наука и технолошки развој Томислав Јовановиќ, за култура Иван Тасовац, за млади и спорт Вања Удовичиќ, за земјоделство Драган Гламочиќ, за регионален развој и локална самоуправа Игор Мировиќ и за одбрана Бебојша Родиќ. Министри без портфел се Бранко Ружиќ, кој ќе биде задолжен за евроинтеграциите и Александар Вулин задолжен за Косово и Метохија.
Премиерот и министерот за внатрешни работи е Ивица Дачиќ, вицепремиерот Александар Вучиќ, а министер за надворешни работи е Иван Мркиќ.
Со одобрувањето од Парламентот се стави крај на неколкумесечните расправии меѓу партиите во владејачката коалиција. Владата на Србија сега има 18 министерства и 22 члена. Основна цел на реконструираната Влада според премиерот Дачиќ е да се забрза и промени Србија и покрај приоритетите како што се евроинтеграциите и економска обнова, да се направи државата помодерна, поефикасна, побезбедна и побогата.