Изгаснат е пожарот кој избувна во седумкатница во населбата блок 70 што се наоѓа на излезот на Тетово кон Гостивар.
Сите станари од зградата биле примени во болницата во Тетово а дел од нив веќе се пуштени дома. Со потешко задушување во болница се задржани двајца пожарникари и пет станари од опожарената зграда, меѓу кои и три деца.
Пожарникарите по пожарот успешно евакуирале неколку мали деца и бебиња, и со помошни скали ги спуштиле од горните катови.
Дел од станарите од пониските катови се спасувале преку прозорците и терасите. Возилата за итна медицинска помош бргу пристигнале на местото на настанот. Неофицијално пожарот избувнал во подрумот, а набрзо се проширил низ целата зграда.
Станарите неколку дена нема да можат да се вратат во домовите. Во зградата се исклучени електричната енергија и водата. Се уште нема информации за причините за избувнувањето на пожарот.




