41,39% е излезноста на ниво на држава на локалните избори до 17 часот, покажуваат обработени податоци од 72,42% од избирачките места.

Еден член од одборот ќе излезе надвор за да ги распоредува гласачите, истакна претседателот на ДИК, Александар Даштевски на последната прес-конференција, по настанатите метежи пред избирачките места.

Тој кажа дека порачал проверката на отпечатоци на прсти да се прави најмногу двапати, затоа што процесот е забавен поради неколку причини, како што се повеќето страници во Избирачкиот список за разлика од претходните изборни циклуси и лошите податоци на отпечатоци на прсти добиени од МВР.

-Молкот ќе трае и после 19 часот додека не гласа и последниот гласач на избирачките места, кажа Даштевски.

Тој порача избирачките одбори да не одлучуваат самите дали ќе се користат апаратите за отпечатоци на прст, туку само со дозвола на ДИК, бидејќи во спротивно гласањето може да се поништи на тие места. ДИК досега даде одлука за користење УВ-ламба и спреј на шест избирачки места.