– Во Музејот на современа уметност вечер ќе биде отворена самостојната изложба на Џем A.: „Музеј отворен до понатамошно известување“. Изложбата, чии куратори се Јованка Попова и Никола Узуновски, ќе се отвори со „Крит клуб“ перформанс.
„Крит клуб“ е перформанс на Џем A. во кој две екипи дебатираат на некое нереалистично прашање поврзано со уметноста. Во средина каде несогласувањето често може да е ризично, „Крит клуб“ создава простор за критичка игра, посочуват од МСУ.
Наместо молк или повторување пофалби, учесниците се охрабруваат да не се согласат – перформативно, како игра на улоги, како мисловен експеримент. Секоја дебата започнува со прашање што делува невозможно за одговор. Едната страна аргументира „за“, другата „против“, сè до моментот кога улогите се заменуваат. Перформансот се развива, а говорниците се снаоѓаат во сè поневозможно сценарио.
„Има ли уметност без публика?“ е прашањето на кое ќе дебатираат Искра Гешоска, Христина Иваноска, Ѓорѓе Јовановиќ и Кристина Леловац, со учество на претставници од Федерацијата за пеливанско борење на РСМ. Дебатата ќе ја модерира Артан Садику.
Перформансот е дел од самостојната изложба на Џем A. Во МСУ – Скопје насловена „Музеј отворен до понатамошно известување“.