Членовите на ад-хок комисијата ги ставија своите потписи на извештајот за случувањата на 24 декември. Самиот чин на потпишувањето на извештајот од страна на членовите и претседателот на комисијата, не беше одбележан од тв-камерите и фото-репортерите бидејќи не им беше дозволено.
Членовите на комисијата од редовите на владејачката ВМРО – ДПМНЕ, Илија Димовски и Благородна Дулиќ, велат дека потпишале извештај само во името на интересите на државата и не се согласуваат со правните квалификации наведени во него.
„Да работиш со СДСМ заедно на ваков извештај е како да си играш со деца во продавница за играчки“, рече Илија Димовски. „За нас потпишувањето на овој извештај е само потпис на хартија од палома“.
Димовски потенцира дека СДСМ очигледно се исплашени од предвремени избори, што не е својствено за ниту една партија во опозиција.
СДСМ се задоволни. „За нас извештајот ја кажува вистината, преку правните квалификации во 11-те препораки и седумте заклучоци се гледа за какво прекршување се работи. Се надеваме дека со усвојувањето на овој извештај, во Македонија ќе се вратат демократските вредности“, изјави Рената Десковска.
>>Груевски:Избори ако сака и СДСМ, дел од извештајот-невалиден
Претседателот на комисијата, Борче Давитковски им се заблагодари на сите потписници за како што вели, едногласното потпишување, а посебно му се заблагодари и на експертите од странство за придонесот, како и на сите инволвирани во работата на комисјата.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски синоќа, во изјавата за медиумите, излезе со порака до СДСМ дека предвремени парламентарни избори ќе има доколку на тоа се согласат и тоа до утре, за да се исполни рокот, 13 октомври.
Премиерот додаде дека и покрај тоа што е на штета на ВМРО-ДПМНЕ, се согласува да биде потпишан каков било извештај на ад- хок комисијата, само и само „зашто ВМРО-ДПМНЕ води сметка за државните интереси“.




