Во телефонските снимки што во неделата ги објави првиот човек на СДСМ во скопски Центар, Саша Богдановиќ, премиерот Никола Груевски и неговиот министер Миле Јанакиески зборуваат за бизнисмените што би ги изградиле Шпанските скали на скопскиот плоштад.

Од муабетот на премиерот и на Јанакиески може да се разбере дека тие всушност зборуваат за албанската фирма „Амадеус груп“ и за нејзиниот газда Бесим Елшани, кои по еден месец навистина го добија земјиштето на плоштадот за да ги градат Шпанските скали.

Во разговорот премиерот Никола Груевски е резервиран дали парцелата да ѝ се даде на оваа фирма бидејќи нејзиниот газда потекнува од Албанија. Од муабетот се сфаќа дека премиерот е загрижен бидејќи ако му дозволат ги гради скалите, тогаш ќе се охрабреле Албанците и ќе доаѓале на плоштад.

– Друго е таму да иде покрај покрај Вардар, таму кај Кале или не знам Железничка станица, а друго е во Центар на плоштад да ти влезе таков, му вели Груевски на Јанакиески.

На оваа забелешка министерот му одговара со информација дека Елшани 30 години живеел во Франција, иако потекнува од Албанија. Како дете заминал таму на студии и по три децении се вратил во родната земја. За Груевски е битно на која вера ѝ припаѓа Елшани, муслиманската или христијанската, по што Јанакиески го теши дека станува збор за католик.

– Католик и заљубен во барок. Значи човекот е по струка е уметник, вели министерот по што премиерот заклучува дека затоа човекот бил по барокот.

„Амадеус груп“ е албанска компанија стационирана во Тирана. Групацијата за себе вели дека е водечка на Балканот во дистрибуција, инсталација, одржување и во сервисирање на генератори, мотори, алтернатори и на уште куп други продукти.

Градежништвото за групацијата преставува помалиот бизнис кој повеќе бил пасија на сопственикот Бесим Елшани, отколку носечка гранка на групацијата. Токму денешниот парижанец Елшани бил љубител на барокот и Македонија му се вклопувала во концептот. Како најрепрезентативен пример на нивното градежништво е хотелот со пет ѕвездички „Амадеус палас“ во Тирана кај кого само декоративните столбови од оникс чинеле осум милиони евра.

„Нашите апартмани од прва категорија (минимум 60 метри квадратни) па се до најексклузивните (350 квадрати) нудат импресивна атмосфера за работа или за релаксација со поглед на прекрасен двор кој Ви дава впечаток дека престојувате во вистински елегантен апартман во Париз“, се вели во брошурата за „Амадеус палас“.

„Амадеус палас“ во Тирана

Огласот за парцелата во декември, а Груевски „лицитира“ три месеци порано?

Контроверзниот разговор меѓу Груевски и Јанакиески за газдата Албанец на „Амадеус груп“, според информации од СДСМ, се одвивал на 14 септември 2013. И доколку внимателно се слуша муабетот ќе се чуе дека уште во септември, три месеци пред да биде распишан огласот за земјиштето кај Новата железничка станица во Скопје, Груевски говори за оваа инвестиција.

– Друго е таму да иде покрај покрај Вардар, таму кај Кале или не знам Железничка станица, а друго е во Центар на плоштад да ти влезе таков, му вели Груевски на Јанакиески.

Министерството за транспорт и врски на 16 декември 2013 во весниците „Дневник“ и „Вечер“ објави дека ќе ја лицитира ливадата која се наоѓа во продолжение на Народната банка, веднаш Железичката станица. На наддавањето во јануари 2014 Јанакиески продаде градежно земјиште со површина од 2.855 квадрати на кое може да се гради хотел со висина од 29 метри со подрум, седум ката, поткровје и подземен паркинг.

Услов за градителот беше фасадата да биде во еден од стиловите на барок, класицизам, неокласицизам, романтизам и на неоромантизам и почетната цена на наддавањето беше 61 денар односно едно евро од квадрат. Заинтересираните можеа да ги натфрлаат понудите за чекор од минимум десет денари.

Наддавање немаше бидејќи во јануари 2014 само една компанија учествуваше на лицитацијата и таа за 71 денар по квадрат го доби земјиштето, односно за целата парцела скопската фирма „Амадеус Стоун“ плати околу 3.000 евра.

„Амадеус Стоун“ е фирма-ќерка на тиранската „Амадеус груп“ во сопственост на Албанецот по потекло од Србија Бесим Елшани кој неколку децении живее во Париз.

По бурната реакција на јавноста поради цената за кое беше продадено земјиштето, Министерството за транспорт и врски ја поништи продажбата на парцелата, како што изјавија тогаш поради пропусти во Катастарот.

Интересно е дека во првиот оглас, на 16 декември 2013 Министерството за транспорт и врски објави дека дополнителен услов за учество на лицитацијата е заинтересираните да покажат годишен обрт од 15 милиони евра во 2012 година. Девет дена подоцна, на 25 декември, спорти Нова Година министерството направило исправка според која обртот е намален на пет милиони евра и новиот услов го објавила повторно во истите два весника.

Од министерството тогаш објаснија дека два субјекта побарале корекција и тие прифатили бидејќи така се овозможувала и поголема конкуренција, која подоцна и не се случи. Меѓутоа, Јанакиески до ден денеска не одговори кои се тие два субјекти (фирми или лица) кои барале да се сменат дополнителните услови на лицитацијата.

Остана нејасно зошто дополнителниот услов уште во првиот момент би поставен на висината од 15 милиони евра, а откако привршувал рокот, по девет дена и пред Нова Година е намален на само пет милиони.

Истава албанска компанија во 2011 година купи плац под скопското Кале, веднаш спроти Градскиот стадион и таму планира да гради исто така барокен хотел.