СДСМ да си ги провери фактите и нека види дека на 9 луѓе кои беа привремено вработени им истече договорот, а петмина од нив се членови на ГРОМ, посочи денес градоначалникот на општина Карпош, Стевчо Јакимовски, коментирајќи ги ставовите на опозиционата СДСМ дека во Карпош (и Охрид) се прави партиска чистка.
„СДСМ продолжува со неинвентивната практика на неосновани обвинувања и изигрување плачковци. Последниот ваков атак во низата им е дека на 11 привремено вработени во Општина Карпош им е прекинат договорот за работа. Притоа, од СДСМ забораваат да ја проверат веродостојноста на фактите и се потпираат на „рекла – кажала“. Станува збор за истекување на договорот на девет привремено вработени во Општината, од кои петмина се членови на ГРОМ“, изјави Јакимовски.
Според него, тоа се должи на изгубените избори на СДСМ во Карпош.
„СДСМ заборава и дека прво ним им беше понудена соработка за функционирање на Советот на Општината, но тие ја одбија коалицијата. И, конечно, го забораваат најважното, дека СДСМ не е на власт во Карпош и дека сега е предоцна за каење, па им останува само плачење по прес-конференции“, заклучи градоначалникот на општина Карпош.
Претходно, на вчерашната прес-конференција портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов, го обвини лидерот на ГРОМ за отпуштање на 11 лица, а дополнително и преместување на уште 11 редовно вработени државни службеници во просториите на месните канцеларии во Злокуќани, Бардовци затоа што одбиле да потпишат пристапници за членство во партијата на градоначалникот.




