Планот со кој е предвидено да се изградат висококатници (засега една) на просторот, каде што е паркинг спроти хотелот „Холидеј Ин“, предизвикува многу контроверзи и полемики. Како тоа ќе влијае од урбанистички, еколошки, социолошки и од повеќе други аспекти врз Скопје и неговите жители? Имаше решенија на општина Центар, Министертвото за транспорт и врски, на Уставниот суд…, со кои се сопираше, па повторно му се даваше зелено светло на проектот. Според последните одлуки, се чини дека градењето зграда од 20-тина ката на таа локација, не може да се спречи. Но, дали е навистина така? Една од најактивните противници на проектот е советничката во Советот на општина Центар, Јана Белчева Андреевска.

Во медиумите се појави наслов „Нема спас за просторот кај Холидеј Ин“. Мислите и Вие дека нема спас, или верувате дека се’ уште е можно таму да не се градат најавените згради?

Можно е ако се покаже дека постои државен интерес за локација, која според сите параметри е од државно значење и треба да биде репрезент на државата, градот, просторот, какви сакаме да бидат во 21. век. Спас имало и имаше ако општината постапувала согласно своите надлежности за да го заштити и реши похумано овој простор. Спас има и ако се врати постапката за план, кој ќе обезбеди рамномерен развој за сите – инфраструктурни, образовни и социјални содржини, соодветно на бројот на предвидени жители. Секогаш може подобро од само згради за трговски центар и станови.

Инвеститорот вели дека дебатите се водат врз стари планови и макети, и оти новиот проект нема да изгледа така како што се претставува.

Макетите се приказ на волуменот предвиден со Деталниот урбанистички план од 2012 година, донесен 17 дена по ГУП-от на Град Скопје 2012-2022, а изработен во неколку месеци според ГУП-от на Град Скопје 2002-2012, според план чиј рок истекувал! Тој предвидува развиена површина од по 200 илјади квадратни метри на секоја од трите градежни парцели: 1.1, 1.2 и 1.3. Разбирливо е дека таа површина е невозможно да се реализира. Тоа се покажа и со решението за парцелата 1.1, каде со максимална изградба на три подземни нивоа за потребите за паркирање се добиле максимални околу 89.000 квадратни метри развиена површина (паркирањето е услов за реализација на површината). Тоа значи дека планот не е реален, ни во основните параметри за површина и паркирање, а што се опишува и во стручниот елаборат на комисијата. Дополнително, тој план е непрофесионален, бидејќи не обезбедува никакви јавни функции за планираните 5.000 жители – минимум градинка и локален парк, место за одлагање отпад итн. Архитектонското решение за парцелата 1.1. (параметрите, невозможноста добро да се реши пристапот, необезбедувањето вистинско зеленило), самото покажува дека планот според кој е изработен проектот, не е добар и треба да се промени. Покрај тоа, тука ГУП-от од 2012 предвидува 1.250 жители, а само во парцелата 1.1. со проектот е предвидено да живеат толку. Тоа значи дека останатите парцели, каде што реално сега живеат луѓе во лоши услови, нема да смеат да реализираат домување. Изгледот е последното нешто за кое треба да дискутираме. Спорниот ДУП од 2012 е работен според ГУП од 2002 година, иако веќе бил во подготовка ГУП 2012, а денес веќе се работи на ГУП 2022 година. Минатите грешки не смееме немо да ги реализираме, и мора да ги заменуваме со нови и подобри решенија. Со овој случај се отвора големиот предизвик за системските пропусти, процедурите, неусогласеноста и тромоста за подобро урбанистичко решение. Но, не помал е предизвикот како да се спротивстави општината под притисокот на големиот капитал, кој алчен за профит е подготвен да постави објект, кој го блокира централниот плоштад кон река Вардар.

Вие сте во советот на општина Центар. Дали некогаш постоеше момент кога можеше проектот да се сопре?

Секогаш постои можност, и не смееме да се откажуваме од поривот да ги поправиме работите, кои им пречат на граѓаните. Овој план, кој во себе криеше бетонско чудовиште, можеше да се смени ако се избереше друг планер, а не оној за кој од првиот миг се виде дека ќе исполнува туѓи приватни, а не јавните интереси. Набавката можеше да се изведе постручно, и да се предвидат сите ризици од реализација на ваков избор. Но, за тоа треба да се обратите до градоначалникот. Негова е одговорноста. Советот се одважи со одлуките за мораториум и со заклуокот со кој градоначалникот го задолжи да направи елаборати за суспензија, кои ќе ги достави во МТВ. Повторно, прашајте го зошто по ова не е постапено.

Мораториумот на градба во Центар беше привремена мерка. Тој не можеше да трае неограничено. Но, има ли воопшто, општината визија како ќе се развива урбанистички?

Стручната комисија, формирана кон крајот на 2017 година, со изборот на оваа локална власт, во себе успеа да обедини стручни лица од областа: од факултетот, научни установи, праксата и од администрацијата. Методологијата и насоките за ревизија беа подготвени на ниво да се спроведе евалуација, и јасно и транспарентно да се покажат последиците од лоши планови, и потребата од подобри. Принципите за одржлив развој, за рамномерен рзвој, за заштита и спасување, за осончување, провев и инфраструктура, кои не се почитувале, повторно да бидат приоритети. Жално е дека и овој процес трпеше многу и не беше секогаш под заштита од одговорните. Предизвиците и како да се решат некои параметри од ГУП-от беа поставени. Не се размислуваше само за подобрување, туку за нови принципи на развој соодветни на 21. век. Сепак, ново планирање значи и нов начин на собирање и обработка на податоци, нови алатки за приказ и визуелизација, за транспарентност на решенијата и за партиципативност на граѓаните. Многу од овие потреби не беа прифаќани во буџетските одлуки, што е проблематично и делува на остварување на вистинските цели. Најодговорниот, иако начелно зборува за промени, малку промени во системот кој го управуваше, и тешко се одлучуваше за модернизација како што доликува. Жално е што ја пропуштивме шансата во минатите години, но да не се предаваме, бидејќи никој не ни ја даде довербата за да покажуваме немоќ. Денешните оправдувања, со потреба другите институции да помогнат побрзо да се донесат решенија, требаше силно да одекнат пред да дојдеме до последниот чекор за реализација на градежна дозвола.

Што е, всушност, најлошото во овој проект? Зошто сметате дека тие згради не би смеело да се изградат таму?

Проектот е работен според лош ДУП за премногу сензитивна локација, локација од државно значење, локација за која е потребна поширока дебата и визија добиена преку конкурс. Најлошото во проектот е што и самиот проектант се согласува дека ДУП-от е лош. Не треба воопшто да ја сведеме дискусијата на допаѓање на проектот или не, како што се направи со Скопје 2014, кога се прекршени процедури, стандарди, усогласеност на планови… Овој проект е во согласност со ДУП-от, кој предвидел затвореност кон реката. Ова беше едно од барањата на стручната комисија за планот во постапка, да се отвори просторот кон Вардар и да има слободни пешачки пристапи кон плоштадот, повеќе разбиени наместо три огромни објекти, кои целосно ќе го затворат просторот.

Во последниве денови може да се прочитаат и слушнат не баш мал број критички ставови за овој проект, од луѓе кои се во власта или блиски до власта. Можно ли е да се толку немоќни, баш за ваквите работи, кога гледаме дека за некои други можат да направат многу повеќе?

Нам ни треба да дефинираме заедничка цел и во урбанистичкото планирање и развојот на градот, а за мене тоа се правда, правичност, рамномерности, одржливост и здравје пред профит. Тоа ни е големата слика кон која треба сите да се стремиме. Мора да ги поправиме пронајдените слаби точки за да ги поправиме и решаваме наследените предизвици, а да се движиме заедно кон целта. Чесно да ги употребиме сите ресурси со кои располага општеството за да ги исполниме заедничките цели. Сите ресурси, критичка мисла, знаење, но и поголема отвореност, соработка, транспарентност може на сите да ни помогне. Затоа повикувам на сеопшта мобилизација на ресурсите, наместо на критички ставови.

Евидентно е дека се вклучени многу фактори, пред се’ политички. Која е технологијата на таа узурпација на власта? Која е најслабата точка во тој систем на уништување на јавниот простор, кој колоквијално го нарекуваме „урбана мафија“: општините, градот, Министерството за транспорт и врски…?

Поврзаноста во систем каде институциите забораваат на интересите на граѓаните, на правото и законите, на јавниот интерес и уставните начела, а донесуваат одлуки по мерка на приватниот интерес е слабоста, која мора да ја надминеме и решиме. Последиците од тие одлуки ќе ги трпиме сите заедно. Инвеститорите и капиталот, алчно и без срам ќе продолжат со агресивноста ако слабоста на институциите не се надминува. Затоа, најслабата точка, која е откриена мора и прва да се решава. Многу недостатоци во законите мора да се поправат, низ законските дупки ни се провлекуваат бетонски чудовишта и ни го уништуваат градот, природата, животот. Но, и неказнувањето, легализацијата и продолжувањето на наследени процеси за кои постои институционален отпор за промени, се опасни и бараат сериозно внимание. Често е ова политика на повисоко ниво, но ги повикувам сите надлежни да ги преиспитаат своите ставови, да се обединат кон заедничките цели, и да ја вратат довербата дека политиката не е за задоволување за лични потреби и интереси, туку за подобрување на животот на граѓаните.

Кој е полицемерен кога е опозиција: СДСМ или ВМРО ДПМНЕ? Сега од опозициската партија се однесуваат како да немаат никакво учество во плановите и во форсирањето вакви градби, иако добар дел се донесени во нивно време. Од актуелната власт, пак, пред да дојдат на функциите, не велеа дека е тоа завршена работа, и дека ни тие нема да променат ништо.

Граѓаните се обединети во ставот дека во градов станува тешко место за живеење – загадено е, сообраќајниот метеж е голем, зеленило на сите ни недостасува, како и место во градинка и училиште. Тоа е натпартиски проблем и не смее да биде политички користено за гласови, ниту за ад-хок решенија. Како граѓански активист, ги повикувам сите обединето да застанат на страната на граѓаните и да бидат на висина на задачата. Наместо овие проблеми да ги гледаат во предизборни кампањи, да ги решаваат кога имаат механизми за тоа.

Се претвора ли Скопје, особено центарот, во град-чудовиште? Дали ќе може нормално да се живее во него во наредните години и децении?

Сѐ уште имам надеж дека промени се можни. Да не покажеме слабост со решавање на наследството од Скопје 2014, но и да не го продолжиме. Да зборуваме и за рушењето, не само за градењето. Тоа ќе отвори нови перспективи и врати надеж кај многумина.

Што се случува со просторот на фабриката „Треска“ и со Крњево?

Планот за Крњево ја помина јавната анкета, комисијата го заклучи извештајот, и сега се чека на мислење од Град Скопје, па од Министерство за транспорт и врски, и може да се усвои на Совет. Овој план воведе ново сообраќајно решение – две влезно-излезни улици, наместо само една како во претходниот со долги слепи краци – заради заштита и спасување, ја зголеми површината под зеленило на државните парцели и воведе детска градинка (стариот немаше), ги зголеми растојанијата меѓу објектите каде не беа доволни, а го разби и габаритот на аголниот објект, предвиден на паркингот во облик на Г со катност П+12+Пк, кој како ѕид требаше да ја стави во сенка целата населба (сега има три кули и два продори). Поради овие подобрувања институциите треба што поскоро да дадат позитивно мислење, и да влезе во сила новиот план, на местото на стариот според кој сега може да се даваат изводи. Комисијата за „Треска“ беше оформена, планска програма е подготвена, а општина Центар треба да ја објави програмата, и да го распише конкурсот. Зошто тоа не се случува, не ми е јасно. Се плашам дека додека сите погледи се кон „Холидеј Ин“, на „Треска може да ни се случат дозволи за градба според стариот план, кој е лош и неквалитетен. Конкурсот е готов. Општата и стручна архитектонска јавност одамна го очекуваат, а програмата е изготвена во најголем дел од минатата година, па нема зошто да не биде објавен. Мора да се замени лошото решение со згради „наполитанки“, во населба според современи, зелени принципи, со градинка, локален парк и во сегменти со почит кон индустриското и културното наследство од фабриката „Треска“. Центар заслужува нови урбанистички концепти. Доволно трпеше „силување“, обезличување и напад од моќни и лакоми поединци. Заедно можеме да го направиме поубав.