Според некои укажувања, сè уште не сме влезени во зона на висок процент на задолжување на државата, а од друга страна, од аспект на трошоци, кога веќе има ликвидност во банкарскиот сектор, не е лошо државата да се задолжува со далеку пониски каматни стапки, отколку да излезе надвор на меѓународните пазари и да бара кредити или да издава обврзници, вели претседателот на Здружението на банкарството Ѓорѓи Јанчевски и прв човек на НЛБ Тутунска банка,, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
Јанчевски, смета дека доколку државата се задолжува во странство, во тој случај цената ќе биде далеку повисока. Повеќе се поставува прашањето за кои намени ќе се трошат тие пари, истакнува првиот човек на македонските банкари.
-Во моментот владата е задолжена околу милијарда евра, зборувам за државни записи и за обврзници издадени од страна на државата. Банките во тоа имаат 580 милиони евра пласирани во државни хартии од вредност. Нема влијание на кредитирањето, затоа што високата ликвидност дава простор да има пари за сите. Сметам дека тоа задолжување не е лошо додека процентот на задолжување се контролира, вели Јанчевски.
Според него, логично е кога има поголема понуда од побарувачка каматните стапки да паѓаат. Ако паѓаат каматните стапки на кредитите, логично е да паднат и каматните стапки на депозитите.
-Процентот на нефункционални кредити кај населението е далеку понизок и изнесува 6,8 проценти. Во корпоративниот сектор, значи кај претпријатијата, тој процент на нефункционални кредити е 15,2 проценти, а просекот е 11,8 отсто, што не е некоја алармантна бројка за банките да се загрижат.
Има тренд на зголемување на нефункционалните кредити, но сè уште е во рамките на толеранцијата. Капиталот и парите одат таму каде што се најсигурни и таму каде што најбрзо и најлесно ќе се оплодат. Во моментот банките повеќе даваат кај граѓаните затоа што функционира наплатата, тоа значи дисперзија на ризикот затоа што тоа се мали кредити, максимум може да биде 100 или 150 илјади евра кај станбените кредити.
Друго е кога ќе дадеш 5 или 10 милиони евра на една фирма и во случај таа фирма да доживее колапс или проектот да не успее, во тој случај поголема е загубата, рече меѓу другото Ѓорѓи Јанчевски.




