Најодговорно тврдам дека ниту свесно ниту несвесно ниту со сторување ниту со несторување сум ја злоупотребила должноста која во моментов се уште јавно ја извршувам, изјави денеска специјалната јавна обвинителка Катица Јанева на прес конференцијата во СЈО на која прочита напишана изјава.

Таа рече дека подолг временски период до неа допираат гласови дека, како што рече „не само лицето Бојан Јовановски, туку и многу други“ без да знае го злоупотребуваат нејзиното  име и презиме за различни цели.

-Јавно ги охрабрувам правосудните органи до крај да ги расчитат сите околности за конкретниот случај.  Точно е дека јас како и многу други лица кои во моментов се на различни државни функции се познаваме со лицето Бојан Јовановски. Никогаш не сум криела дека мојот син работи во 1ТВ и дека заради описот на неговото работно место и на дневна основа комуницира со лицето. Но, ова не значи дека некој стекнал право да ја злоупотребува мојата службена должност и овластување за евентуално да остварува привилегии или да презема незаконити дејствија. Затоа очекувам дека низ една транспарентна правосудна постапка да се стави крај на сите неофицијални информации со кои некој се обидува да им наштети на моите чест и углед, рече Јанева.

Во однос на оставката таа рече дека СЈО е поголемо и позначајно од нејзината сегашна функција во Обвинителството кое како што рече беше, е и верува дека ќе остане, симбол за беспоштедна битка за борба против висока корупција и криминал.

-Оставам во наследство десетина затворени истраги подготвени за брзо процесуирање. Убедена сум дека токму тие предмети ќе и дадат одговори на јавноста зошто некој со сите сили се обидуваше да го спречи мојот реизбор и со невидена медиумска хајка се обидува да го загрози кредибилитетот на СЈО, додаде таа.

Таа рече дека свесно оставила подолг период да не излезе во јавноста со свој став за што и се извини на јавноста.

-Го разбирам , почитувам и оправдувам интересот на јавноста за истражните дејствија за случајот „Рекет“. Носител сум на јавна и одговорна функција за која мора да има целосна транспарентност. Затоа дозволете да ви се извинам што свесно оставив подолг период да не излезам со свој став во јавноста, иако воопшто не ми беше лесно да го следам јавниот линч решив дека со ниту еден мој потег нема да создадам впечаток дека правам притисок или се мешам во истражните дејствија, истакна Јанева, која по изјавата не дозволи новинарски прашања и ја напушти просторијата каде што се одржуваше прес конференцијата.