Во прилог на денешната реакција од опозиционата СДСМ, кои побараа од министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска да го објасни експресното богатење, министерката предупредува дека од СДСМ лажат за тоа дека новинарите не добиле шанса да извршат увид во документацијата со која се побиваат сите нивни клевети.

На денешната реакција, Јанкулоска во писмена форма ги испрати и документите за банкарскиот кредит, купопродажните договори, анкетните листови и известувањата за кредитот што ги доставила до Антикорупциска и УЈП.
„СДСМ лаже за квадратурата на станбениот простор. Двата стана кои ги купивме со мојот сопруг се ставени како залог, односно хипотека за подигнатиот кредит. Од имотниот лист може да се види дека тие не се 214 метри квадратни како што манипулира СДСМ. СДСМ лаже за незаконски заработени 200.000 евра. Во прилог на јавноста го доставувам и договорот за продажба на станот од 76 квадрати кој го поседував пред стапување на функција и пред стапување во брак. Со тие средства, пријавените заштеди, кредит и заем во висина од 10.000 евра е извршена уплатата за новиот стан и направена е соодветна промена на амортизацискиот план при што месечниот ануитет е 546,96 евра во денарска противвредност“, пишува во реакцијата на Јанкулоска.

Министерката за внатрешни работи во својата реакција потенцира дека со портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов, ќе се видат на суд.





