Министерката за полиција Гордана Јанкулоска говорејќи во интервју за МИА за случајот Шиповиќ, вели дека странските амбасадори се зачудени од однесувањето на СДСМ
– Редовно имаме комуникација со нашите партнери од меѓународната заедница. Кога им го објаснуваме случајот, најблаго речено се зачудени од однесувањето на СДСМ кои стана пракса да им презентираат состојби кои се далеку од реалноста. Самите меѓународни претставници се свесни дека практиката на СДСМ за напаѓање на сопствените институции е без преседан. Верувајте дека и тие знаат колкав е очајот кога сте доведени во ситуација да не може да црпите легитимитет од тие што ве гласаат и наместо тоа да барате легитимитет за вашите постапки од странец. И тука драстично се разликуваме од СДСМ. Ние добиваме мандат од граѓаните и за се што правиме легитимитетот го очекуваме од нив и ним сме обврзани да им го понудиме нашиот отчет, во интервјуто за МИА, министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.
За случајот „Претседавач“ и зошто токму сега се отвара случајот „Машинопромет“ кој беше актуелен години наназад:
-Случајот од полициски аспект, е чист како солза. Би рекла класика. Противзаконски се обезвреднува и раскрчмува имотот на едно претпријатие, а на доверителите им се нанесува огромна материјална штета.
Има ли место за компромис со СДСМ, откако најави повлекување од советите и замрзнување на учеството во комисијата која треба да ги имплементира препораките во врска со настаните кои претходеа на 24 Декември:
– Компромис на штета на граѓаните и компромис околу почитувањето на законите е карактеристика на Црвенковски и СДСМ. Ние никогаш немаме намера да лицитираме или да се нагодуваме со нешто што не е во ингеренција на извршната власт. Ваквите барања ја покажуваа деструкцијата на СДСМ. Советниците на СДСМ добиле мандат да ги решаваат проблемите на граѓаните на локално ниво. СДСМ одлучува да ги жртвува граѓаните за вршење притисок врз судот. Членовите на комисијата за имплементација на препораките добија мандат да работат на точките, но СДСМ одлучи да ги жртвува националните интереси за да изврши притисок врз судот. Немаме намера да бидеме соучесници во нивното мајтапење со интересите на државата.
Кога сме кај изборите, претседателот на ДИК Борис Кондарко си поднесе оставка. Сметате ли дека со нов претседател побргу би се исполниле условите кои ги поставува СДСМ и каква соработка очекувате?
– Целата јавност уште ја памети сликата на Црвенковски од претходните предвремени парламентарни избори. Беше смрзнат од страв. Баш каков што е сега и Зоран Заев. Никогаш не е лесно да се соочите со судот на граѓаните. Не е лесно да ви кажат во лице што мислат ако вашите политики се погубни. Може да се лаже меѓу два изборни циклуси, но кога доаѓа денот на гласање, доаѓа и моментот на вистината. Тоа е тој момент кој на СДСМ му се повторува седум пати по ред. Заев сега, како и Црвенковски тогаш, сметаат дека со промена на првиот човек на ДИК ќе го одложат тој момент или ќе створат забуна за да не одговараат за катастрофалниот пораз на сопствената политика.
Јас лично сум убедена дека Кондарко е принуден да даде оставка бидејќи пред две недели во „Вест“ ја кажа вистината дека соработката со МВР и другите државни институции е на високо ниво и оти нема забелешки на досегашното постапување околу избирачкиот список. Раководството на СДСМ не можеше вторпат да му ја прости искреноста и тоа што ја кажал вистината, откако веќе еднаш пред локалните избори, како најнадлежен, изјави дека избирачиот список е прочистен и го потпиша, а за воља а вистината сите партии, вклучително и СДСМ се сложија со тоа. Не се согласувам дека треба да го игнорира мандатот и одговорноста пред законот и граѓаните за сметка на одговорноста пред Заев. Тоа е лош и недемократски пристап.
Се надевам дека набргу ќе биде номиниран нов член на ДИК и дека Зоран Заев нема да му довери мандат различен од оној во законот, односно нема да му нареди како единствена задача да ги кочи и минира претстојните избори. Ние сме секогаш подготвени за фер и коректна институционална соработка во интерес на граѓаните, вели Јанкуловска.




