Во основниот суд Скопје 2 заврши распитот за тужбата за клевета против портпаролот на СДСМ Петре Шилегов, поднесена од министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, јавува 24 Вести.
Таа не се појави во судницата, а нејзиниот адвокат Димитар Дангов рече дека не би коментирал ништо пред да биде објавена пресудата која е закажана за 28-ми февруари.
Јанкуловска бара оштета од 16.000 евра од Шилегов, кој во своја одбрана, пред судот кажа дека на прес конференциите ги презентирал само официјалните податоци од државните институции во кои е наведена имотната состојба на министерката Јанкуловска.
Непојавувањето на министерката пред судот Шилегов го прокоментира како непочитување на судската власт.
IZJAVI DIMITAR DANGOV I PETRE SILEGOV 12 02 by 24vesti
Јанкуловска се огласи преку сајтот на МВР: Во Р. Македонија како и во секоја демократска држава, секој има право слободно да каже се што ќе посака. Како и во секоја демократска држава, ставовите и тврдењата не смее да бидат невистинити и со намера некому да предизвикаат штета. Секој што излегува во јавност треба да стои зад својот исказ и да одговара за него и вистинитоста на тврдењата, напиша министерката.
„Очигледно тоа е причината зошто Шилегов е во паника, видлива во конфузните обиди за оправдување изнесени пред медиумите. Самиот себе се доведе во непријатна ситуација, која во демократска и правна држава не може да се надмине со изјави во камера, туку само со издржани аргументи пред судот. Јавниот настап на Шилегов надвор од судницата е уште еден обид да се изврши притисок врз судот. Јас го почитувам судот и верувам дека е компетентен и правичен и нема да си дозволам на никаков начин, надвор од судницата, да се мешам во неговото одлучување се до донесувањето на пресудата“, смета Јанкуловска.
Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска во септември минатата година го обвини портпаролот на СДСМ Петре Шилегов дека не ја кажува вистината кога вели дека купила станови од 200 квадрати и наведува дека ниту законски ниту незаконски заработила 200.000 евра за пет години.
Шилегов предходно презентираше документи според кои Јанкуловска за становите вредни 200 илјади евра, подигнала кредит од Шпаркасе банка во вредност од 90 илјади евра во јануари 2012 година, а само за година и 9 месеци вратила 75 илјади евра со две административни плати.



