Верувам дека судот што е можно побргу ќе ги закаже рочиштата каде ќе може во соодветна постапка да побарам надомест за нанесените штети, а јасно ми е дека до тогаш, заради паниката од губењето на процесот, ќе продолжи старата стратегија на лаги од СДСМ, реагира министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска на денешните обвинувања од СДСМ.
„ Една лага, останува лага дури и сто пати да се повтори. Два плус два секогаш ќе бидат четири, без разлика што Шилегов упорно ќе повторува дека се три или пет. Една лага да се покрива со друга. Да се заборави претходната манипулација и срамот, со пласирање на нова. Јасно е за СДСМ дека ниту документите, ниту договорите, ниту официјалните изјави на државните институции имаат некаква тежина во споредба со партиска агенда. Доколку држат до некакво достоинство треба да одговорат каде и зошто одеднаш исчезнаа сите овие теми и прашања кои ги отворија. Лично не верувам дека постои капацитет за такво нешто“, се вели во реакцијата на Јанкулоска.




