„Петре Шилегов лаже. СДСМ лаже. Тврдења на Шилегов дека сум заработила 200 000 евра во овие 5 години, ќе има можност да ги докаже на суд. Заради намалување на висината на оштетното побарување кое ќе го пријавам пред надлежниот суд, во наредните денови сум подготвена да му понудам можност јавно да се извини за изречените клевети и измислици и да каже кој му наложил да излезе со вакви невистини“, реагира министерката Гордана Јанкуловска по објавата на СДСМ за зголемување на нејзиниот имот.
„Затоа би сакала да информирам дека новиот стан е набавен со продажба на стариот, подигнат е заем и долгорочен кредит од банките по пазарни услови. Значи не станува збор за незаконско богатење, туку месечна обврска за исплата на рати. Граѓаните овие тврдења може да ги проверат и на интернет страната на Државната комисија за спречување на корупцијата, а Шилегов ќе мора на суд да ја докажува „мистериозноста“ која му ја напишале и која ја прочита“, реагира Јанкуловска.
Свесна сум, вели таа, дека последната успешна полициска акција „Шпион“ погоди многу структури во земјава и надвор од неа. Денеска видовме дека грчките владини извори на Катимерини го имаат истиот став кон овој мега случај како и опозициската СДСМ. Останува нејасно уште дали постои некаква координација и за денешната прес конференција на Шилегов и фабрикуваните напади кон мене.
„Јавно ги повикувам надлежните институции час поскоро да постапат и да утврдат дали има какви било незаконски дејствија во моето работење и наводното богатење за 200 000 евра кое денеска го измисли Шилегов“, вели министерката за внатрешни работи.




