Основното јавно обвинителство Скопје отворило предмет по допрен глас во врска со евентуални неправилности при увозот, дистрибуцијата и употребата на вакцината МРП, во периодот од крајот на 2018 и почетокот на 2019 година.
Oбвинителството ќе проверува дали постоеле неправилности при увозот на вакцините, нивниот рок на употреба, како и евентуално предизвикани штетни последици.
– Со таа цел надлежен јавен обвинител веќе издаде наредба до Бирото за јавна безбедност при МВР со која побара да се извршат проверки во правното лице „Македонија лек“, како увозник и дистрибутер на вакцината МРП. Од фирмата-увозник ќе треба да се обезбеди комплетната документација поврзана со увозот на вакцините и нивното етикетирање. Проверки ќе се извршат и во Агенцијата за лекови и медицински помагала – МАЛМЕД во поглед на извршените контроли на увезените вакцини и евентуално констатираните неправилности. Согласно издадената наредба од јавниот обвинител, Министерството за внатрешни работи ќе направи проверки за случајот и во Министерството за здравство како ресорно министерство – пишува во соопштението од ОЈО.




