Бремена новинарка од Јемен загина во градот Аден, откако експлодирал нејзиниот автомобил во кој се наоѓал и нејзиниот сопруг Махмуд Амин ал-Атми.
Ал-Атми ја преживеал експлозијата, но се здобил со сериозни повреди, што, за жал, не е случај и со Раша Абдула ал-Харази, објави „Си-Ен-Ен“.
Министерството за човекови права соопшти дека Ал-Харази била во деветти месец од бременоста, а саудискиот ТВ канал „Ал Арабија“ објави дека новинарката е нивна вработена.
Синдикатот на јеменските новинари соопшти дека станува збор за таргетиран напад, но засега ниту една група не ја презела одговорноста.
Аден е привремено седиште на владата поддржана од Саудиска Арабија која се бори против бунтовниците поддржани од Иран. Илјадници луѓе беа убиени во граѓанската војна во Јемен, што ја турна земјата во хуманитарна криза.