– Ја повикуваме Владата во Македонија да се справи со прислушуваните материјали на начин кој ја покажува посветеноста на евро-атланските принципи. Ја охрабруваме опозицијата, која во моментов го бојкотира Собранието, да се врати во тоа тело и да помогне да се разреши кризата – изјавил заменик помошникот државен секретар на САД, Хојт Ји на седница на Комисијата за надворешни работи на американскиот Претставнички дом во средата вечер, јавува МИА.
Ји изрази загриженост, за како што вели, растечките разлики меѓу етничкото македонско мнозинство и етничката албанска заедница.
– Интеграцијата на Македонија во НАТО и во Европската Унија останува важна за да се постигне траен мир и стабилност во регионот. Со новата Влада во Атина, ги потикнуваме двете страни да постигнат заемно прифатливо решение на таканаречениот спор за името кој го блокираше напредокот на земјата во евроатланските интеграции – изјавил заменикот помошник државен секретар.




