Оддавањeто почит за смртта на Нелсон Мандела пристигнува како од ЕУ, така и од светските лидери, а Мандела е опишуван како „херој“, како „големата светлина“. Човекот кој триумфално ја водеше борбата против апартхејдот во Јужна Африка, е првиот црн претседател на земјата.
Нелсон Мандела, кој почина на 95-годишна возраст, беше Претседател на Јужна Африка од 1994 година до 1999. Тој е првиот демократски избран претседател во земјата. Неговата Влада беше фокусирана на отфрлање на остатоците од апартхејд-политиката и се обидуваше да воспостави нова ера на соживот без расна поделба.
Францускиот претседател Франсоа Оланд вели: „Нелсон Мандела направи историја. Таа во Јужна Африка и во целиот свет“.
– Пораката на Нелсон Мандела нема да исчезне. Ќе продолжи да ги инспирира борците за слобода, и ќе им влева доверба на луѓето во одбраната на правдата и универзалните права, вели во својата изјава Оланд.
Високата претставничка на ЕУ, Кетрин Ештон, вели „Повеќе од било кој друг, Нелсон Мандела ја инспирираше мојата генерација и целиот свет“.
Како признание за неговите страдања, во 1988 година, Мандела ја доби Сахаров наградата за слобода на мислата од страна на Европскиот Парламент. Европарламентарците наградата ја доделуваа како признание на индивидуалци кои се борат против нетолернацијата, фанатизмот, расизмот и угнетувањата.
Претседателот на Европскиот Парламент, Мартин Шулц вели: „Јужна Африка денеска изгуби татко, светот изгуби херој. Оддавам почит за еден од најголемите на нашето време. Посакувам светот да имаше повеќе такви лидери како Нелсон Мандела. Чао Мадиба, твојата борба лежи во срцата на милиони“.
Лидерот на Европската Либерална партија, Грем Вотсон рече дека Мандела е „џиновска фигура“ кој животот го посветил на воспоставувањето и бранењето на вредности кои им се блиски на европските Либерали.
„За жал, нашата планета забележа многу малку личности од калибарот на Мандела. Неговата упорност и неговата посветеност на бранењето на вредностите и на важноста на човековото достоинство, го прават уникатна индивидуа во историјата“, додава Вотсон.
Џозеф Даул, шефот на централно-десничарската група во Европскиот Парламент, вели светот изгубил икона на хуманоста.
Гај Верхофстад, лидер на алијансата на Либерали и Демократо (АЛДЕ) во ЕП, вели Мандела бил топла личност: „Ја имав честа да се сретнам со него три пати. Тој беше неверојатно импресивна личност: директен во својот говор со луѓето, и многу едноставен“. Верхофстад додава дека „ги знаел подобро од било кој друг потенцијалот но и границите на моќта. Таа видливост го направи да биде она што е и да го победи апартхејдот“.
Во заедничко соопштение, претседателите на Европскиот Совет, Европската Комисија, велат „не постои подобар начин да го задржиме во меморијата од тоа да ја потврдиме нашата заедничка посветеност на задржување на вредностите за вистинска и длабока демократија за која Нелсон Мандела се бореше неуморно“.
На другата страна од Атлантикот, Барак Обама, првиот црн претседател на САД вели „постигна повеќе од она што се очекува од еден човек. Денес тој замина дома, а ние загубивме еден од највлијателните, најхрабрите и најголемите човечки суштества со кои сме имале среќа да го делиме времето на Земјата“, рече Обама од Белата куќа.