Два месеца пред истекот на рокот за исплата на регресот за одмор за оваа година, илјадници работници се’ уште ги чекаат од работодавците 8.500 денари, пишува Утрински весник.
Во приватниот сектор каде што се ангажирани околу 400.000 лица, или 80 отсто од вкупниот број вработени, досега К-15 добиле едвај една третина. Некои се надеваат дека до крајот на годинава ќе им биде исплатен регресот, а некои, пак, воопшто не очекуваат дека работодавецот ќе издвои средства за таа намена.
Како што договорија Синдикатот и работодавците на почетокот на годинава, законската обврска за исплата на регресот стартуваше од 1 јули, а е со важност две години.
Според досегашната анализа на Сојузот на синдикатите на Македонија, ССМ, врз основа на евиденцијата од компаниите, од секторот енергетика и стопанство, или од ЕВН, на 2.150 вработени им е исплатен регрес.
Статистиката покажува дека во овој сектор работат околу 10.000 работници. Понатаму, К-15 исплатиле само околу 30 отсто од претпријатијата од шумарство, дрвна индустрија и енергетика, каде што работат околу 4.000 лица. Околу 40 отсто од компаниите каде што Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање, СГИП, има свое членство, исплатиле регрес, а оваа дејност брои околу 47.000 вработени.
Од секторот сообраќај и врски исплатен е регрес на 400 вработени во „Фершпед“ , на 1.200 вработени во „Т-мобиле“, а целосно на вработените во „Македонски телеком“. Инаку, во телекомуникацискиот сектор во државата се вработени околу 6.000 лица.
Во тутунското стопанство е целосно исплатен регресот за годишен одмор, додека во прехранбената индустрија само на 30 отсто од вработените. Инаку, во оваа дејност работат околу 18.000 лица.
Целата анализа може да ја прочитате на овој линк.