Аферата која лидерот на СДСМ, Зоарн Заев, ја обелодени во лидерскиот ТВ дуел во петокот добива на замав.
Портапаролот на СДСМ, Костадин Костадинов, и денеска во изјава за медиумите рече дека „додека граѓаните плаќале за 100% повисока цена на струјата поради Христијан Мицкоски, најнеспособниот директор на ЕЛЕМ народните пари расипнички, криминално ги раздавал на лица од ВМРО-ДПМНЕ“.
Скандалот, според него, покажал како Мицкоски преку Договори за адвокатски и советодавни услуги народните пари ги исмпупувал за да завршат кај Панче Тошковски, негов пријател од ВМРО-ДПМНЕ.
„Првиот договор Мицкоски го склучил во 2016 година тежок 1,6 милиони денари за две години. Само по 5 месеци, во март 2017 Мицкоски склучил нов Договор, вреден нови 8.850.000 денари, за адвокатски услуги. Само со овие два договори, за пет месеци, извршителот Мицкоски му обезбедил на Тошковски од ВМРО-ДПМНЕ, 170.000 евра, пари на граѓаните! Еве ги почитувани дел од исплатите кон Тошковски обезбедени од извршителот Христијан Мицкоски. Само на оваа картичка, се гледа исплата на 2 милиони 655 илјади денари кон партискиот другар на Мицкоски, Панче Тошковски. Еве почитувани како извршителот Мицкоски на расипнички и криминален начин парите ги вадел од ЕЛЕМ и ги давал на негови партиски другари. Тоа се криминалните шеми на Груевски, граѓаните да осиромашуваат а да се полнат џебовите на функционери на ВМРО-ДПМНЕ“, рече Костадинов, кој нагласи дека молкот на Мицкоски за овој скандал нема да му помогне.
Сите документите што ги добиле и коишто се индиции за криминал и расипништво, како што рече Костадинов, ќе бидат предадени до надлежните институции.
„Со усвојувањето на Законот за јавно обвинителство создадени се сите услови за надлежните институции да делуваат и да донесат правда. Никој, па ниту Груевски и Мицкоски ќе се спасат од одговорност. Освен со правдата, Груевски и извршителот Мицкоски на 12 април ќе се соочат со нов пораз од граѓаните“, рече Костадинов.






