„Здравство и социјала како милостина“ е фељтон на новинарката Менче Атанасова Точи кој НОВА, го објавува во продолженија, а е дел од публикација „Македонија од Букурешт до Преспа – Сведоштва на едно време: Македонија 2008-2018“ во издание на ФООМ. Тоа се сведоштва кои говорат за едно време-невреме кое во колективната меморија ќе остане запаметено како темно, кога Европа нѐ етикетираше како „заробена држава“ , a ќе го паметиме како „загубено време“
Пишува: Менче Атанасова Точи
Проекти на Министерството за труд и социјална политика во изминатата деценија
Во 2008 година е усвоен првиот стратешки документ за деинституционализација. со фокус на Специјалниот завод во Демир Капија — проект кој сериозно започна да се применува 10 години подоцна. `
Во 2009 година спектакуларно беше најавуван и проектот „СОС-маркети“, каде што социјалните случаи ќе можеа да пазаруваат бесплатно во износ од 5.000 денари во месецот. Овој проект не заживеа. `
2010 година го одбележа проектот за бесплатно бањско лекување. Имаше сомнежи дека се испраќаат партиски луѓе, а најмногу дека на тие што ја искористиле оваа можност им се одбива сума од погребните трошоци.
Во 2011 година е воведен електронскиот регистар на посвојување. Проблемот со посвојувањето остана. `
Во 2012 година — бесплатен одмор за деца од социјално загрозените семејства. `
Во 2013 година се воведоа лиценци за воспитувачите и директорите во установите кои се задолжени за згрижување, воспитание и образование на децата од предучилишна возраст. `
Во 2013 година во Законот за социјална заштита и во Законот за заштита на децата се воведоа четири нови бенефиции, и тоа: додаток за потполно глуви лица во износ од 4.000 денари, додаток за мобилност за лица со квадриплегија и слепило во износ од 7.000 денари месечно. Воведен е и паричен надоместок од 8.000 денари за самохрани родители коишто во наредните 15 години ќе се грижат за своите деца со попреченост, а кои не исполнуваат услови за старосна пензија. `
2013 година промовиран е проектот „Да се грижиме за топол дом“, со кој Министерството за труд и социјала ги повикува граѓаните да донираат облека, мебел, постелнина за социјално загрозени семејства. `
2014 година најавен беше проектот „Бесплатен туристички викенд за пензионери“ — се направија неколку еднодневни патувања во Охрид, Берово, Крушево и толку од проектот, кој всушност и не беше новина. `
Во 2015 година проектот „Македонија вработува“ резултира со неплатени придонеси за 26.000 работници, за што Царовска поднесе пријава во ОЈО. `
За најголем дел од овие проекти Владата во 2009 година потпиша договор за заем од Светска банка во износ од 19.300.000 евра. Кредитот беше земен за проектот „Условени парични надоместоци“, а требаше да послужи и за зајакнување на администрацијата, за анализа на центрите за социјална заштита, како и за нивно опремување и реновирање, за софтвер за администрирање на надоместоците, за имплементирање на програма за паричен надоместок на ученици од семејства со социјален ризик.
Позначајни проекти и настани
Акцијата „Метастаза“
Во јавноста остана запаметена акцијата „Метастаза“ која што се случи на 19 април 2010 година, за време на министерувањето на Џељаљ Бајрами, кога за криминал и малверзации со инвалидските пензии беа уапсени и беше поднесено обвинение за 37 луѓе, меѓу кои лекари, членови на инвалидските комисии, болничари и други инволвирани. Судењето, кое се развлече две и пол години, за некои од нив резултираше со условни казни, лекари беа казнети со затвор во траење од две и пол години, дел добија забрана за членување во инвалидски комисии.
Иако во јавноста оваа акција отвори надеж дека ќе ѝ се стави крај на корупцијата и полесно ќе се добиваат инвалидски пензии, судската постапка на крајот исфрли на виделина многу прашања кои дури ја засенија и вината на лекарите и посредниците кои мешетареле за добивање пензии.
Во текот на сослушувањето пред судот излегоа на виделина докази дека инвалидските пензии биле државен криминал, за кој знаеле, и кој директно го наредувале министри, заменици, партиски функционери, од кои никој не понесе одговорност.
Зад решетки завршија луѓе кои, покрај тоа што биле партиски послушници и давале инвалидски пензии по наредба, одвреме-навреме го правеле тоа и за сопствена материјална корист. Според исказот на еден од обвинетите лекари, по директна наредба од партијата на власт им биле дадени 700 инвалидски пензии на партиски луѓе од ВМРО-ДПМНЕ, како и на 77 други луѓе.
По оваа акција и по откривањето на ланецот, во лекарските комисии не се промени речиси ништо. Инвалидски пензии се добиваат многу тешко, а дали таму ќе има промени и реформи останува на Министерството за труд и социјална политика.
Надоместокот за трето дете
Родителскиот надоместок за трето дете е право воведено во 2009 година и следува за секое трето живородено дете. Согласно официјалните статистички податоци, бројот на корисници на ова право е во постојан пораст, односно од 1.898 корисници во 2009 година на 23.915 корисници во 2016 година. Гледано од аспект на висината на средствата кои се исплаќале за овој паричен надоместок (околу 8.000 денари), како и поради фактот дека ова право го користат и лица кои имаат високи приходи, се смета дека се доведуваат во прашање целите на социјалните издатоци кои се исплаќаат преку системот на детска заштита.
Согласно анализите, клучните предизвици поврзани со ова право вклучуваат: непостигнување на крајниот ефект на оваа мерка во однос на зголемување на наталитетот (и покрај фактот дека се зголемува бројот на третородени деца во државата), трошоците и придобивките на програмата покажуваат негативна сегашна нето-вредност, што придонесува за потреба од преиспитување и редизајнирање на програмата.
Од тие причини беа предложени законски измени, додатокот за трето дете да се трансферира, односно да се укине како таков, а да се воведе еднократен додаток за секое новороденче. Семејствата кои имаат минимални приходи и се корисници на социјална помош, освен што ќе добиваат еднократна помош, ќе им се овозможи пристап до правото за детски и образовен додаток, чија крајна цел е да се намали детската сиромаштија, а за семејствата кои веќе го користат ова право законските измени не важат, туку само за новородените.
Од Министерството ова го правдаат со фактот дека, иако постојниот закон имал за цел да го зголеми наталитетот, тоа не се случило, а стапката на наталитет опаѓа од 13,3 во 2001 година до 11,1 во 2016 година.
Инаку, само во 2017 година за исплата на родителскиот додаток за трето дете од буџетот на Министерството за труд и социјална политика се потрошени 38,7 милиони евра. Во 2017 година за трето дете додаток земале 26.126 мајки, а за четврто 803.
Законските измени добија зелено светло на 21 мај 2019 година, со што овој додаток се укина, односно го добиваат само семејствата кои имаат месечни примања до 12.000 денари.
Следува: Проект за изградба на станови за луѓе со социјален ризик







