Интервју со Тања Кармзова Костиглиола, дипломирана на отсек фитотерапија и ароматерапија на универзитетот Париз 13.
НОВА: Што се случува во Франција? Кои се најновите биланси?
Тања Кармзова Костиглиола: Франција, како и мнозинството земји, живее забавено. Училиштата и универзитетите се затворени, но се учи од дома, со помош на интернет. Фирмите кои не се неопходни за функционирање на населението се затворени, собирите од било кој тип се забранети и движењето е сведено на минимум. До синоќа, Франција има вкупно 25 233 заболени и 1331 мртов. Овие бројки треба да се анализираат со огромна претпазливост, бидејќи се тестираат само пациенти со тешка здравствена состојба и медицинскиот персонал кој пројавува симптоми, значи бројот на заболени е многу поголем, што процентуално би ја соборило стапката на смртност. Во недостиг на тестови и медицински персонал, ваквата статистика е далеку од репер.
НОВА: Кои мерки ги презема Франција за справување со кризата?
Тања Кармзова Костиглиола: Од здравствен аспект, мерките се речиси идентични со оние во Северна Македонија. Изолација, седење дома, повторување на советите за хигиена и бариера – гестовите. Репресивата е исто така слична доколку не се почитуваат мерките. Од дома се излегува само по потреба и со пополнет документ кој ги наведува причините: здравствени, купување на неопходни намирници, помош на изнемоштени лица, спортски активности со прецизирање дека е во рамките на еден час и со забрана за колективен спорт/шетање на домашно милениче. Економските мерки се помалку јасни. Фирмите се ослободени од плаќање придонеси, но не смее да има отпуштање на работниците, ослободени се од плаќање кредити, наем, струја и вода сите оние кои беа приморани да затворат. Родителите на деца под 16 години можат да останат дома за да ги чуваат, при што државата им плаќа околу 70% од платата. Ова не важи за здравствената фела, за која е организирано чување на деца од страна на општината. Работниците чии фирми се затворени добиваат оштетување од 84% од платата, но засега не е кристално јасно кога и на кој начин.

НОВА: Какви фармаколошки третмани за превенција и лечење преземаат Французите?
Тања Кармзова Костиглиола: Превентивните мерки се еднакви насекаде. Социјално дистанцирање, миење раце, носење маски ако имате симптоми (кои патем тешко се наоѓаат), ракавици. Лекувањето на бенигните форми е симптоматско: парацетамол ако има болки и температура, витамин Ц за умор и стимулација на имуниот систем, одмор. Се тестира протоколот со азитромицин и хлорокин ЕДИНСТВЕНО ВО БОЛНИЧКИ УСЛОВИ И СО ПОСТОЈАН ЛЕКАРСКИ НАДЗОР, бидејќи клиничките тестови за кои се збори во јавноста се правени врз само 24 пациенти. Има тестови и со антивирална терапија за кои не располагам со доволно информации. Тешките форми на болеста се третираат со машина за респираторна асистенција. За жал, по вакцина се трага и во моментот во кој ви пишувам.
НОВА: Какви се твоите искуства и совети како фармацевт?
Тања Кармзова Костиглиола: Исти како и оние на сите други здравствени работници, исти како оние на власта. Седете дома. Многу е важно да се забави епидемиолошкиот развој, да не се најдеме во ситуација да мора да се стават 400 заболени на респиратори, а да има само 120. Има умни луѓе кои ни носат маски, свесни дека сме изложени, а немаме доволно, знаејќи дека тие треба да седат дома. Има и такви луѓе кои подлегнуваат на општата паника и нè напаѓаат, засега повеќе вербално, не знаејќи дека и нам ни е ужасно тешко што не можеме да ставиме на располагање сè што треба од едноставна причина што немаме залихи. Има луѓе што се спремни без симптоми да почнат експериментална терапија, тоа е крајно неодговорно и многу опасно. Значи, мора лекувањето да им биде препуштено на лекарите.
НОВА: Што е важно за Македонија од искуството на Франција?
Тања Кармзова Костиглиола: Да се следи еволуцијата на состојбата. Да се обезбедат навремено материјали за да се соочиме со епидемијата. Не знам колку може македонската влада да се инспирира од француската во однос на економските мерки, не сум сигурна што е правилно во моментот.
НОВА: Како регира француското општество на кризата?
Тања Кармзова Костиглиола: Французите се народ кој обожава да се движи. Физичките контакти се речиси неопходни при поздравување. Фрустрацијата да се седи дома кога метеоролошките услови се пријатни е огромна, ама засега мнозинството почитува. Секако, загриженоста е огромна и околу здравствениот исход од оваа криза, но и од економскиот импакт кој ќе го има истата.
НОВА: Какви се психолошките ефекти по колективот и инивидуата?
Тања Кармзова Костиглиола: Свесни сме дека после ова ќе мора да смениме навики, да се смени речиси цела една култура и начин на живот. Веројатно ќе ги следиме азиските земји и ќе се носат маски и за обична настинка, што е препорачливо. Мислам и дека ќе сфатиме колку сме сите важни за да функционира општеството непречено. Синоќа Претседателот Макрон рече дека медицинарите се на прва линија на фронтот, прехрамбената индустрија на втора, а сите оние кои седат дома на трета, и дека едни без други не можеме да опстанеме. Мислам дека е во право.
НОВА: Како функционира Франција како земја членка на ЕУ? Дали има помош од ЕУ ?
Тања Кармзова Костиглиола: Франција прими одреден број на пациенти од Италија. Германија, Луксембург и Швајцарија примија, пак, француски пациенти. Одлуките се координираат на ниво на држава, па на ниво на ЕУ, мислам дека тоа е јасно. Важно е да си помогнеме прво себеси, а веднаш потоа и на другите за да не настане хаос. Мислам и се надевам дека токму тоа се прави во моментов.
НОВА: Смртноста е најмала во Германија. Што користи Франција од иксуствата на Германија?
Тања Кармзова Костиглиола: Засега е тешко да се знае што точно се користи од германските искуства. Франција формираше еден вид на лекарска, експертска комисија која редовно е на состаноци со власта и веројатно тоа таму се разговара зад затворени врати. Мислам дека во актуелната ситуација немаме баш време за споредби. Итноста и нужноста е да се спасат што повеќе животи. Сета логистика, сите замерки и политички препукувања се оставени за после кризата, дури и од страна на синдикатите.
НОВА: Какви се социо-економските последици?
Тања Кармзова Костиглиола: Нема солидни информации. Претпоставувам дека се катастрофални. Власта предупредува дека ќе биде тешко, дека во напорите за санирање на економската криза ќе треба секој еден да учествува, но дека никој нема да биде оставен на милост и немилост. Уште е рано за било какви проекции. Уште сме на фронтот и во војна, како што повторува Макрон.




