Неверојатна зачудувачка вест беше произведена неделава. Министерот Дамјан Манчевски одлучно и бескомпромисно, како што знае само една влада пред избори,  со висок тон и доволно високо кренати веѓи, и соопшти брутално на јавноста- оние административци кои не одат на работа, а земаат плата, нема да добијат К-15.

Тие таканаречени рамковно вработени, според информациите, 1.600 драги, да не речеме неспособни луѓе, ќе бидат сурово отфрлени, затоа што повеќе не може да си играат со судбината на овој народ, кој деноноќно создава и го гради ова исцрпено општество.

Видете, СДСМ ги знае сите тајни на знаењата на градење на една одговорна и отчетна власт.

Понизно и скромно, со математичка прецизност ги изброи тие несреќни луѓе, кои се принудени судбински да седат депресивно и бесцелно дома, без воопшто да бидат свесни дека придонесуваат со самото сопствено постоење.

Зошто би биле воошто ние, каде би биле ние, што би биле ние, ако не одвоиме и не се солидаризираме, да се жртвуваме и еднакво патиме заедно со нив и социјал-демократските начела на благостостојба, еднаквост и праведност, но само кога останатите се во прашање.

Единствениот начин да се покаже широчина и големина на оваа власт- беше да се принудат овие кротки и срдечни луѓе да примаат плата за да не се чувствуваат запоставени и пред клиничка депресија.

Но, сега СДСМ се прашува обезглавено и бесно-  добро, со што тие вратија, со што тие придонесуваат сиве овие тешки и напорни години кога треба да се одговараат тие 30 прашања за нивната омилена боја, најслаткото животно што го запознале а не го вдомиле- затоа што немаат време- морале да одговараат на прашањата, и која песна ја пеат додека решаваат крупни државнички прашања на владините седници?

Иако можеби ќе беше најдобро воопшто да не земаат овие луѓе плата, иако можеби ќе беше уште подобро ако министрите од својот џеб им ги исплаќаа тешките осамени неработни денови во домашни услови, иако ќе беше најдобро ваквите текстови да не се пишуваа, ниту излегуваа, нашата среќа е мало зрнце во вселенската бура. Сепак, да признаеме- почестени сме што ја имаме таа сјајна прилика да бидеме сведоци на ваквите апсурдни времиња, на тој комичен сплет на чудни и  неверојатни околности.