Калиопи, Тијана Дапчевиќ, музичкото дуо „Куку Леле“ и младиот изведувач на народни песни Мустафа Имери ќе ги забавуваат граѓаните кои Новата година ќе ја дочекаат на плоштадот „Македонија“, забавата започнува во 21 часот.
И оваа година, точно на полноќ, небото над Скопје ќе биде осветлено со спектакуларен огномет.
Новогодишната елка висока 18 метри оваа година поставена на нова локација- меѓу Градскиот трговски центар и споменикот „Воин на коњ“.
Улицата „Македонија“ е украсена со долги нишки со светилки и новогодишни украси – топки. На плоштадот „Филип Втори“ на влезот во Старата скопска чаршија поставена е елка во сребрена боја.
Во текот на утрешниот ден Град Скопје организира и театарски претстави, како и забава со детски песни.
Загрижува честото пукање на петарди во централното градско подрачје поради што се препорачува зголемена внимателност кај граѓаните.
Вчера на реонот на Бит-пазар каде e концентриранана продажбата на пиротехнички материјали имаше полициска акција кога беше повреден и еден полицаец.
Денеска е мирно на Бит-пазар, присуството на полиција е намалено, но продажбата на петарди не е запрена.
Вчерашниот инцидент се случи кога поголема група од 200-300 луѓе се спротивставила на полициската акција, при што ги нападнале полицајците, и го блокирале сосема реонот кај Бит-пазар, со контејнери. Полицијата пукала во воздух, со цел да ја растера групата.
Полицијата изминатиов период врши секојдневни контроли со цел спречување на нелегалната продажба на пиротехнички средства. Во текот на последниов месец, полицијата заплени околу 200.000 парчиња.




