Деветтиот претседател на МАНУ, професорот Владо Камбовски ги критикуваше властите кои настојуваат со изградба на нови факултети, помеѓу нив и предвидените „Дамјан Груев“ и „Мајка Тереза“, без притоа да бидат консултирани академиците од страна на Министерството за образование кога се работи за високообразовни институции – што според него е лоша практика.

„За секој проект Министерство е должно да се обрати и да побара мислење од Академијата, а тоа не е направено. Образованието е флексибилен жив организам и пулсира според потребите на општеството, како и прилагодувањето кон квалитетот од европски и светски рамки, и поради сето тоа, секоја иницијатива за основање на јавна високообразовна или научна институција мора да биде придружена со еден сериозен проект, во кој ќе земат учество компетенетние луѓе“, дециден е Камбовски.

Тој потенцира дека изградбата на ваков вид високообразовни институции се проекти кои треба да бидат усогласени со Програмата за развој на високото образование  и научноистражувачката дејност кои за жал, Собранието на Република Македонија не ги носи.

Одговарајќи на новинарско прашање пак, со оглед на тоа што Академијата е критикувана во јавноста дека не е доволно гласна во своите ставови кога се работи за прашања клучни за општеството, академик Камбовски отфрла дека тие се потпаднати под политиката.

„Политиката мора да се прилагоди на науката и високото образование а не обратно“, нотира меѓу другото тој.

Изјавите на Камбовски беа во пресрет на одбележувањето на 49 години од постоењето на Македонската академија на науките и уметностите во  кој се одржа и свеченост со прогласување на добитниците на меѓународното признание „Блаже Конески“.

Добитници се Суад Енѓулу од Република Турција за посебен придонес во проучувањето и афирмацијата на македонската современа книжевност и култура на Балканот и во Република Турција и Душко Новаковиќ од Република Србија за посебен придонес во афирмацијата на македонската книжевност.

Инаку изградбата на универзитетот „Мајка Тереза“ го најави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски во декември минатата година а на кој треба да се работи на три јазици – македонски, албански и англиски јазик, додека изградбата на универзитетот „Дамјан Груев“ и понатаму се критикува од страна на опозицијата, бидејќи како што велат тие, ќе служел за вдомување на “партискиските војници“, а не за подигнување на квалитетот на образованието.