– Судиите мора да бидат многу внимателни по донесувањето одлуки во случај кога треба да се измери јавниот интерес, изречената казна спрема Кежаровски е непропорциналност, смета академикот-претседател на МАНУ и екс-министер за правда, Владо Камбовски.
Тој вели за тешки кривични дела се изрекуваат казни затвор од пет години, а ваква каква што е пресудата за Кежаровски, би паднала во Стразбур, и тоа би донело уште негативни поени на на патот кон евроинтеграциите на земјата.
„Неслучајно ова поглавје на судството и реформата на судството и за независен и непристрасен суд има првостепено значење од аспект на брзината на интеграциите во Европската унија и треба затоа да се внимава на секој процес. Никаде да не се остави никаква дамка за сомневање во независноста и непристрасноста на судот“, изјави Камбовски.
Според поранешниот Министер за правда, судот не смее да реагира на оправдани забелешки од страна на јавноста или научните кругови.
„Тоа дело не е расчистено до крај. Јас лично не знам што се случи со главниот предмет на тоа обвинение. Дали се пронајдени убијците или убиецот, дали е спроведена ефикасна постапка, и ако не е спроведена – зошто не е спроведена“, предупредува претседателот на МАНУ.
Реакциите на новинарските и другите здруженија, според Камбовски се добронамерни токму во насока на давање до знаење на судот да обрне внимание дека новинарската професија по дефиниција е во служба на јавноста.
*видеото е преземено од Твитер профилот на ЗНМ
*интервју на Фиљана Кока за МТВ 1




