Не сум виновна, сè е работено по закон, а истрагата на СЈО е во функција на предизборна кампања, рече министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска на прес-конференција во Музејот на ВМРО.

– СЈО докажа дека работи по инструкции на СДСМ и работи површно, без анализа и аналитика, врз основа на паушални претпоставки. Сите изнесени обвинување се неточни и енергично тврдам дека тезите на Фетаи се „рекла-казала“, со кои СЈО сака да стави дамка на моето работење и на Министерството за култура. Целиот проект е воден согласно законите, рече министерката.

Канческа-Милевска вели дека од СЈО очекувале професионалeн и објективeн однос, кое ќе биде во служба на вистината, а денешната прес-конференција според неа  билаво функција на изборите и само за оцрнување на вработените во Министерството за култура.

Таа рече дека договорот со градежната фирма се однесува на градежни и градежно-занаетчиски работи, набавка која не се однесува за изградба на Музејот на ВМРО, туку за партерно уредување околу музејот.

Министерката вели дека проектот е „чист како солза, запазени се законите, а транспарентноста во целост е испочитувана“.

Таа го обвини СЈО дека работи по инструкции на СДСМ, без никаква анализа и аналитика и со паушални претпоставки кои немаат врска со вистината.

СЈО претходно на прес конференција објави две нови истраги, од кои едната под име Тендери, кој се однесува на договор за градежни работи на Музејот на револуционерната борба, каде се осомничени раководното лице и членови на таошната комисија за јавни набавки.