За францускиот предлог , неговата суштина и дали тој беше добро искомунициран со јавноста, потенцијалите да го дополаризира општеството и да го втурне во нова спирала на агресија и насилство, за тоа дали можеше европските пријатели да срочат подобра преговарачка рамка со ЕУ со што на страна би ги оставиле билатералните прашања со Бугарија, за тоа што значи да почнат преговорите и имаме ли алтернатива, како и за улогата на Фондацијата Отворено општество – Македонија, зборувавме со извршната директорка Фани Каранфилова-Пановска.

НоваТВ: Фондацијата Отворено општество – Македонија деновиве излезе со реакција околу насилните протести иницирани од Францускиот предлог, но досега од ваша страна не излеговте со позиција за самиот француски предлог како преговарачка рамка со ЕУ. Може ли за читателите на НоваТВ , да претставите како гледате на  истиот, и дали претставува загрозување на националниот идентитет, јазик, историја и култура?

Одлуката која треба да ја донесеме во врска со понудениот пакет за отпочнување на пристапните преговори е многу сериозна, мултидимензионална и тешка. Информацијата за можноста да се одблокира процесот на јавноста и дојде ненадејно, да не речам неочекувано, пред сè заради недостигот на информации дека е можно да се направи пресврт во распоредот на силите и расположението кај претседателството на ЕУ и сите други држави членки вклучувајќи ја и Бугарија. Факт е дека бевме информирани и до некаде брифирани за интензивната дипломатска активност од страна на Владата и Министерството за надворешни работи, како и на највисоките официјални претставници на нашите партнери и сојузници од меѓународната заедница, но сигналите дека нивните напори може да дадат резултат не беа охрабрувачки. Јасно беше и тоа дека се водат интензивни разговори и преговори во последните неколку недели пред и за време на одржувањето на последниот самит на НАТО во Мадрид во јуни, но она што отсуствуваше беше минимум информација за содржината на разговорите и критичните точки на несогласување. Првичниот француски предлог кој беше одбиен од страна на премиерот Ковачевски во Брисел не го видовме, што од денешна перспектива ценам дека беше исто така грешка во стратешката комуникација на Владата, особено затоа што станува збор за нешто кое е многу сензитивно и изискува минимум општествен консензус пред да биде промовирано во јавноста со што за него би се отворила аргументирана дебата што би резултирала со носење одлука која ќе биде прифатена најшироко можно од сите чинители и засегнати страни. Во овој дух, апелирам Владата да го објави протоколот, т.е. записникот од вториот состанок на македонско-бугарската мешовита меѓувладина комисија веднаш штом е усогласен меѓу двете страни, што би било најдобро да се случи пред почетокот на расправата во македонскиот парламент, за да не се случи необјавувањето на содржината на протоколот да биде главната тема за обвинувања и клевети меѓу пратениците и во јавниот дискурс.

Последниот француски предлог кој всушност е предлог за преговарачка рамка кој доаѓа како усогласен став на сите 27 држави членки на ЕУ го утврдува македонскиот јазик без никакви дополнителни референци, назнаки и дообјаснувања (унилатералната декларација за јазикот не е дел од преговарачката рамка) и тука не смееме и не треба да релативизираме и манипулираме. Тоа е „големиот компромис“ на кој се согласила Република Бугарија и за жал или за среќа факт е дека за ова за нас најважно идентитетско прашање бугарската држава направила компромис, без разлика на апсурдот што во 21 век да правите компромис за признавање нечија самобитност и самоопределување и тоа да се вреднува како големо достигнување е крајно неразбирливо, неоправдано, деградирачко и пред сѐ спротивно на сите меѓународни конвенции и стандарди за почитување на човековите и фундаменталните права. Факт е дека македонскиот јазик со овој последен предлог за преговарачка рамка се признава и прифаќа како официјален јазик на кој ќе се преведува европското законодавство во процесот на преговори и пристапување и македонскиот јазик е прифатен да биде иден официјален јазик на ЕУ во моментот на нашето полноправно членство.

Друга по мене многу важна придобивка од отпочнувањето на преговорите е тоа што по одржувањето на првата меѓувладина конференција ќе се отпочне со скрининг процесот, а посебно значајно е што Европската комисија покрај објаснувачкиот скрининг, т.е. негово ажурирање ќе отпочне и со билатералниот скрининг, со што институциите и реформите ќе се „стават на шини“, и сите ќе мора да ги засукаме ракавите, да ја преземеме одговорноста и да почнеме сериозно да работиме за да испорачаме резултати со кои реално ќе го подобриме демократскиот, институционалниот, економскиот и целокупниот општествен перформанс на државата. Почетокот на преговорите е предизвик кој ќе нѐ натера, т.е. ќе нѐ стави во ситуација да се „измериме“ и докажеме колку сме кадарни како држава и општество.  

Сакам да се осврнам и на тезите дека преговарачката рамка ги интернализира билатералните прашања со соседите. Билатералните прашања од 2009 година се дел од политичкиот критериум за членство во ЕУ, а со тоа и дел од пристапниот и преговарачкиот процес, биле тие споменати во преговарачката рамка или не. Не може да сметаме дека ќе преговараме со ЕУ за членство, а притоа нема да се придржуваме и да ги спроведуваме договорите потпишани со нашите соседи, особено со оние кои се држави членки на Унијата, во нашиот случај тоа се Преспанскиот договор со Република Грција и Договорот за добрососедство со Република Бугарија. И двата договори, т.е.  остварувањето на опипливи резултати од нивната примена се дел од преговарачката рамка, што е сосема за очекување. Она што е на некој начин преседан е што во преговарачката рамка во членот 5 се презема содржина на членот 12 од билатералниот договор со Бугарија, кој се однесува на ефективна имплементација на предвидените мерки во годишните прегледи/извештаи од работењето на мешовитите меѓувладини тела. Ова значи дека во „расправата“ за оценка на динамиката, постигнувањата и напредокот во имплементација на билатералниот договор со Република Бугарија ја добиваме на масата и ЕУ како трета страна, што иако е своевиден преседан и ги комплицира процесите, во конкретната ситуација може во крајна линија и да биде од полза за македонската страна.

Не се согласувам со ставот дека преговарачката рамка, со сите нејзини недостатоци и преседани на неколку позиции (двостепеноста на процесот за отворањето на преговорите со две меѓувладини конференции, промена на Уставот на почеток на преговорите, интернализација на билатералните прашања во преговарачката рамка), е вовед во бугаризација на државата и го загрозува македонскиот идентитет. Преговарачката рамка тоа не го прави, т.е. не го прејудицира, капацитетот и интегритетот на институциите и телата кои ќе ги имплементираат одредбите од преговарачката рамка во случај да биде прифатена, како и капацитетот и автономијата на телата формирани и оние кои допрва ќе се формираат за имплементација на билатералниот договор со Бугарија се клучни за да се надминат евентуалните пречки и предизвици во процесот без притоа да се загрози нашиот идентитет и култура. Во случај работите да тргнат во непосакуван правец или да не може да се заштитат нашите национални интереси во текот на процесот, секогаш постои опција да се откажеме од преговорите и членството во ЕУ.

НоваТВ:  Дали ваков каков што е, а согласно изјавите во јавноста од политичките чинители, Францускиот предлог би поминал во законодавниот дом, или не? Ова повеќе како тест и за усвојувањето на измените на Уставот кои, како што знаеме, се носат со двотретинско мнозинство?

Очекувам и посакувам во законодавниот дом да видиме аргументирана и конструктивна дебата на спротивставени мислења околу содржината, политичките и техничките аспекти на предлогот, особено аргументирана дебата за тоа што реално добиваме во случај на прифаќање на преговарачката рамка, односно што е она што ќе го изгубиме со отфрлањето, и се разбира издржани аргументи за тоа кои се предизвиците и како би ги надминале соодветно за секоја од двете опции. Многу поважен е текот и квалитетот на расправата во Парламентот, која на површина ќе ги извади сите аргументи „за“ и „против“ предлогот и со тоа ќе ја исцрта визурата за иднината на државата во двете можни опции како исход по гласањето, и ако тоа така се случи јас верувам дека мнозинството пратеници на крајот на дебатата ќе ја донесат онаа одлука која ќе проценат дека ќе понуди поголеми можности за напредок и развој. Она што не смееме да го дозволиме е да ни се случи нецивилизирана атмосфера, говор на омраза и етикетирања кои можат многу лесно да се претворат од вербално во физичко насилство и во законодавниот дом и/или на улиците. Апелирам институциите на системот да ги преземат сите неопходни мерки за да превенираат ескалација на настаните во следните денови во Собранието и на улиците.

За постигнување на двотретинско мнозинство сметам дека ќе се работи дополнително во некоја следна фаза по евентуалното прифаќање на предлогот за отпочнување на преговорите. Јасно е дека за промена на Уставот неопходно е да гласаат и пратениците од опозицијата кои во моментов порачуваат (овде мислам на опозициските партии од македонскиот политички блок) дека не се согласуваат со предлогот и не прифаќаат промена на Уставот, што упатува на тоа дека е неопходно да продолжи да се случува отворена, интензивна и конструктивна комуникација и дијалог помеѓу власта и опозицијата за да можеме да се надеваме на евентуално доближување на ставовите. Во моментов кога сме исправени да донесеме сериозна одлука каде ќе продолжиме на крстосницата, минимум што како граѓани очекуваме од сите политички чинители е здрав разум, аргументирана дебата, одговори на прашањата, смирени тонови и  достоинствено однесување.

НоваТВ: Дали сметате дека европските пријатели од Брисел, можеа да склопат подобра предлог-рамка за нас, имајќи го предвид сензибилитетот на јавноста но и бугарските барања од кои некои не кореспондираат со вистината и се надвор од здравиот разум и како такви се иритирачки? 

Содржината на преговарачката рамка е далеку од совршена, но ниеден текст кој е компромис не може да биде посакуваната опција, тоа е реалноста за жал. Овој текст е одраз на асиметријата која постои (ние не сме држава членка, Бугарија е) и која иако не ни се допаѓа е факт, кој не можеме да го промениме. Да имавме можност ние сами да ја пишуваме заедно со државите членки на ЕУ кои се наши поддржувачи без Бугарија, сигурно ќе беше многу подобра, и обратно да имаше можност Бугарија сама да ја пишува без другите држави членки ќе беше многу полоша.

НоваТВ: Дали очекувате ескалација на состојбите поврзани со францускиот предлог кои последниот период го дополаризираа и онака поделеното општество.Ова ве прашувам и во контекст на тоа што по толку децении функционирање овде на Фондацијата Отворено општество – Македонија дали чувствувате некоја лутина што македонското општество не е докрај демократизирано, постои говор на омраза, она што некогаш беше точка околу која се обединуваа власт и опозиција, како темите поврзани со ЕУ и НАТО,  станаа ново поле за поделби и омраза?

Поларизацијата и новите поделби во општеството кои ни се случуваат деновиве нѐ погаѓаат сите, ни го разнебитуваат ткивото кое и онака е кревко, и копаат по скорешните рани од претходните компромиси кои сѐ уште не се докрај залечени. Емотивните реакции и стравот кои се разбирливи и не се без основа, за жал нема да ни помогнат многу во ситуација кога најмногу ни треба разум, рационалност и мудрост со која ќе покажеме како повеќепати досега дека сме способни како зрело општество да извлечеме максимум во тешки и комплицирани моменти и да ја донесеме правилната одлука за иднината на државата. Поттикнувањето и демонстрирањето насилство во било каква форма, говорот на омраза и националистичките наративи и активности кои го загрозуваат нашето мултиетничко општество и соживот не се опција, се за остра осуда и бараат ефикасен одговор и мерки од институциите кои тоа ќе го превенираат и санкционираат.

Со оглед на искуствата од текот на протестите на улиците и дискурсот кој е доминантен во јавноста и по социјалните мрежи, очекувам дека ситуацијата може да ескалира во непосакуван правец, но се надевам дека нема да дозволиме тоа да се случи. Не ни требаат нови црни и крвави понеделници и четвртоци.

НоваТВ: На што е фокусирана Фондацијата во моментов поврзано со земјава, ќе следува ли помош и во кои области? 

Фондацијата продолжува да работи на поддршка на граѓанското општество и институциите за унапредување на доброто владеење, правната држава, почитувањето на човековите права, особено на правата на малцинските и маргинализираните заедници, социјалната правда и економскиот развој, и во таа смисла да ја поддржува интеграцијата на државата во Европската Унија, регионалната економска соработка во Западен Балкан, зелената транзиција и дигиталната трансформација.

Мирјана Трпческа