Фидел Кастро ги осуди пишувањата на руски „Комерсант“ дека неговата земја подлегнала на притисокот од САД и затоа го спречила Едвард Сноуден да патува од Москва до Куба.
Лидерот на кубанската револуција и поранешен претседател таквите пишувања ги карактеризира како злонамерна лага.
„Очигледно САД секогаш ќе настојува со притисок кон Куба која веќе 54 години се брани и ќе продолжи да го прави тоа додека е потребно“, изјави Кастро. „Јас се воодушевувам на храбороста на Сноуден. Според мене, тој му направи услуга на светот откривајќи ја нечесната политика на една светска империја која лаже и го манипулира светот“.
Според рускиот „Комерсант“ официјална Хавана подпаднала под притисокот од Белата куќа, и на Сноуден му соопштила дека нема да му дозволи да долета од „Шереметјево“ во Русија до Куба.
Доколку Куба му дозволеше на Сноуден да слета на нејзината територија, би се влошиле односите со САД, наведува Ројтерс, потсетувајќи дека истото се случи со САД и Русија, кога по одобрението за привремен азил на Сноуден, американскиот претседател Барак Обама го одложи состанокот со рускиот колега Владимир Путин планиран за во септември.