Доктор Катерина Ставриќ ќе ја замени Аспазија Софијанова на директорското место на Клиниката за детски болести, неофицијално дознава НОВА од свои извори. Се комплетира листата со имиња на нови директори во клиниките и болниците.

Иако се уште се прават калкулации за некои од клиниките, НОВА неофицијално дознава дека Дејан Докиќ  е сигурен избор на Клиниката за пулмологија, Анѓелко Андоновски кадровик на СДСМ ќе седне во директоркста фотеља во болницата за белодробни заболувања кај децата во Козле. Стојан Бајрактаров ќе биде директор на Клиниката за психијатрија, Јане Нетковски ќе директорува со Клиниката за уво нос и грло. На Клиниката за кожни болести ќе директорува Нина Цаца Биљановска, а Ирина Пановска на Клиника за хематологија.

На пластична хирургија на местото наСмиља Туџарова доаѓа Софија Пејкова, на Клиника за ендокринологија е назначен Горан Петровски. Иако во јавноста подолго време се врти името на Виолета Јованоска како нов директор на Клиниката за гинекологија, НОВА дознава дека нејзиното назначување е се уште спорно и до последен момент не се знае кој ќе се седне на директорското столче на оваа установа.

За нов директор на Градската општа болница „8 Септември“ ќе биде назначен Христијан Костов исто така кадровик од владеачката партија и тој ќе го замени Сашо Стојчев. Како што и најави заменик министерот Гоце Чакаровски во првиот бран ќе има смена на 33 директори, а до петок се очекува да се комплетира листата и да бидат назначени сите нови директори во здравствените установи низ цела држава. Се очекува министерот за здравство Арбен Тараври во текот на денот официјално на прес конференција да ги објави имињата на новоназначените директори.

На скопските клиники веќе има разочарување од повеќето нови имиња, особено што Таравари најави дека директори ќе се назначуваат според квалитет, а не според партиска припадност. Особено е големо разочарувањето кај лекарите-професори на Медицински факултет кои реагираат бидејќи најголем дел од новите директори немаат никакви звања или стигнале само до асистенти.