Грција го заостри својот став за опсегот на употреба на компромисното сложено име за Скопје, пишува денеска провладиниот „Катимерини“ во анализата „Атина го заостри ставот за името на ПЈРМ“.
Според анализата на грчки „Катимерини“, Македонија и Грција се сложуваат за географска одредница само имаат различни ставови за тоа каде треба да стои таа.
„Во ваква атмосфера медијаторот Метју Нимиц го продолжува своето посредување, во чии рамки минатата недела се сретна со претставниците на двете страни. Новата рунда преговори беше со цел да се одржи чувството на динамика, но не и да се даде нов предлог за името“, пишува „Катимерини“.
Според весникот, Нимиц, кој во септември ги посети Атина и Скопје, не го крие своето разочарување од тоа што не е постигнат напредок, но и дека праќа порака за неговата одлучност да продолжи да бара заемно прифатливо решение.




