Собраниската седница на која ќе се гласа за разрешување на Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева која е во притвор, е закажана за денеска.
Пратенциите ќе гласаат за нејзина смена, откако Јанева стана осомничена во случајот Рекет – за кој во притвор се и Боки 13 и Зоки Кичеец. Јанева го водеше СЈО од неговото формирање – од 2015 година. Нејзиниот избор за специјален обвинител беше договорен на пржинските средби за што дадоа согласност најголемите политички партии.
Четирите најголеми партии – СДСМ, ВМРО ДПМНЕ, ДУИ и Алијансата на Албанците веќе доставија до претседателот на Собранието согласност за нејзино разрешување поради нестручно, несовесно и незаконско работење.
На пленарната седница нема да се расправа за извештајот на Советот на ЈО, туку само за предлогот за разрешување. Одлуката се носи со двотретинско мнозинство и со т.н. Бадентерово гласање, а на крајот треба да ја потврди и Советот на обвинители.
Катица Јанева поднесе оставка на функцијата шеф на СЈО истиот ден кога Боки 13 беше приведен на граничниот премин, но не ја достави оставката до Советот на обвинители.
Таа е осомничена дека посредувала во Рекет односно дека му го олеснила статусот на осомничениот бизнисмен Јордан Камчев во случајот „Империја“ за што прибавила материјална корист.
Со разрешувањето на Јанева, престанува мандатот и на другите обвинители во СЈО. Тие најверојатно ќе бидат вратени во обвинителствата во кои работеле пред да станат дел од тимот на СЈО.




