Католичката црква е поделена по прашањето дали да им дозволи на жени да служат како ѓакони, се вели во документ на Ватикан.
Давање поголема улога на жените во Црквата во која доминираат мажи е едно од прашањата што треба да се дискутираат на средбата на врвот на епископите, позната како синод. Првата седница се одржа минатата година и не даде резултати. Ватикан денеска објави работен документ кој треба да послужи како основа за дискусии на втората и последна седница што ќе се одржи во октомври.
„Иако некои локални цркви бараат да им се дозволи на жените“ да служат како ѓакони, „другите повторно се против“, се вели во документот. Во него се наведува дека ѓаконите нема да бидат вклучени во агендата на синодот, но „теолошкото размислување мора да продолжи, во соодветно време и на соодветен начин“.
Ѓаконите, како и свештениците, се ракоположени за служители и во црквата можат да бидат само мажи. Женските ѓакони постоеле во раното христијанство, но не е јасно каква улога имале тие.
Современите ѓакони не можат да служат литургија, но можат да проповедаат, да поучуваат во име на Црквата, да крштаваат и вршат свадбени и погребни служби, дури и да управуваат со парохија.
Во документот на Ватикан, сепак, се нагласува потребата од „поцелосно признавање“ на жените во Црквата, велејќи дека „по силата на светата тајна на крштевањето, тие имаат целосна еднаквост“.
Документот, познат како Instrumentum laboris, беше претставен по консултации со националните бискупски конференции и католичките институции и здруженија од целиот свет.




