За перспективите што ги отвора Договорот од Преспа, за идната соработка меѓу Скопје и Атина, за реакциите во Грција и резултатите од истражувањата на јавното мислење, говори меѓу другото, алтернативниот шеф на грчката дипломатија, Јоргос Катругалос во интервју за МИА.
Катругалос во разговор со дописничката на МИА од Атина, вели дека со решението меѓу двете земји се отвора нова ера на Балканот, најавува дека наскоро авионското поврзување на Атина и Скопје ќе биде реалност. Како професор по уставно право, тој вели дека Договорот од Преспа не остава простор во иднина одново да се преговара и изразува убеденост дека грчкиот парламент ќе даде зелено светло кога ратификацијата ќе се најде на дневен ред.
„Пораката што ја испраќа Договорот од Преспа е дека разликите меѓу државите треба да се решаваат со дијалог, а не со неплодна националистичка конфронтација, што се води од внатрешно политички причини. Исто така, дека кога постои волја и желба можат да се направат големи чекори и да се решат спорови кои ги измачуваат не само двете држави, туку и поширокиот регион. Двајцата премиери, Ципрас и Заев покажаа дека и покрај било која политичка цена беа подготвени да одат напред за националниот интерес и на двете земји“, вели Катругалос.
Зборувајќи за коментарите на европските политичари за Договорот од Преспа, Картугалос вели дека „сите европски држави и европските институции топло го поздравија договорот, бидејќи признаваат дека на најдобриот вин-вин начин се реши едно прашање што ја измачуваше речиси три децении европската политичка сцена и дека сега започнува период на мирна соработка што ќе донесе само придобивки за граѓаните на сите држави од Балканскиот полуостров.
„Патот за интеграција на Западен Балкан во Европската унија ќе биде тежок и доста трнлив, но е отворен, а Грција презеде конкретни иницијативи. Прво, со особено голем интерес ги поддржавме перспективите на нашите соседи, а посебно на вашата земја на Советот на европските лидери и на министрите за надворешни работи. Потоа, ќе ја обезбедиме неопходната техничка помош за реформите кои што се предуслов за интеграција. Грција, како најстара членка на ЕУ на Балканот, има техничко знаење (know-how) и може да им помогне на сите земји кандидати на патот кон членството. Во секој случај, доколку од нас се побара и дополнителна помош, подготвени сме да помогнеме каде што ќе биде потребно“, вели Картугалос.
За протестите на грчкиот народ во врска со Договорот, грчкиот министер за надворешни работи смета дека тоа се националистички сили кои постојат и во Грција и во Македонија кои не сакаат решение.
„Секако, сфаќам дека многу обични луѓе, многу патриоти се против договорот, некои поради недостаток на информации, други од емоционални реакции. Оценувам дека историскиот Договор од Преспа ќе помине со големо мнозинство во парламентот. Не само поради тоа што целосно одговара, туку и повеќе од потребното, ја покрива грчката национална линија како што беше формирана од 2007, ако не и од 1995. По потпишувањето на договорот постојат два патишта, ратификација или отфрлање. Во Нова демократија, за жал постојат гласови кои изразуваат екстремно десничарска реторика и овие гласови ги поддржува, барем во внатрешноста и раководството на опозициската партија. Но, дури и самиот господин Мицотакис, неодамна за голем германски весник изјави дека доколку се ратификува договорот во парламентот, тогаш ако Нова демократија стане влада, нема да го оспори“, вели Картугалос.
Тој испрати порака до македонските граѓани дека Грција не сака да биде само сосед со Македонија туку да биде и пријател и соработник.
Ништо не нѐ разделува, а имаме многу да добиеме. Од моментот кога договорот ќе биде целосно имплементиран, тогаш ќе бидат видливи, не само политичките и економските придобивки, туку и уште поголемото приближување на нашите народи, особено на нашите млади луѓе, заклучува во интервјуот за МИА, алтернативниот грчки министер за надворешни работи Јоргос Картугалос.




