Поплави во подруми и подрумски простории на дваесетина куќи, излеана канализација од неколку шахти, паднато дрво и однесен дел од тампонот на повеќе улици, е билансот од синоќешното невреме во Кавадарци.

Од „Комуналец” велат дека дел од улиците биле и блокирани поради наноси од тампонот, но наброз проблемот бил отстранет. Градот за многу кратко време бил нормализиран, а во текот на денешниот ден и утре ќе се изврши негово целосно миење и генерално чистење.

Во средувањето на градот учествувале и кавадаречките пожарникари кои со пумпи испумпувале вода од поплавените објекти.

Сите пријави за штети се регистрирани во кол-центарот на Општината и комуналното претпријатие, се евидентираат и се постапува по нив.