Дваесет и едногодишниот Калед Кхатиб е кинематограф и портпарол на „Сириските бели шлемови“. Оваа група на волонтери макотрпно работи на спасување на цивилите од граѓанска војна што со години владее во земјата.
Во 2015 Кхатиб го запознал британскиот директор, Орландо вон Еинсиедел, и беше одбран да ја снима групата на спасувачи за филмот „Белите шлемови“.
40-минутниот документарен филм, кој е номиниран за Оскар во категоријата најдобра документарна приказна, ги следи тројца спасувачи од нивните тренинг кампови во Турција до воените жаришта каде ги спасуваат цивилите.
Кхатиб бил задолжен за што повеќе снимки, „ловејќи“ ги најмоќните моменти од граѓанската војна. Од луѓето кои трагаат по живот под урнатините, до плач на новороденчиња и постојаниот страв од нови бомби.
По неколку драматични недели, Кхатиб доби виза да патува во САД за вечерашното доделување на Оскарите.
Но, ден пред церемонијата тој на „Твитер“ објави дека нема да биде во можност да присуствува, бидејќи има премногу обврски и оти неговиот приоритет е да спасува луѓе.
„Ако освојам награда, тоа ќе биде доказ за луѓето во Сирија дека луѓето од целиот свет ги поддржуваат. Ќе му даде храброст на секој волонтер кој секое утро се буди за да се движи меѓу бомби“, изјави Кхатиб.
Кој е Калед Кхатиб и која е неговата мисија?
Тој им се придружил на „Белите шлемови“ кога имал 17 години, бидејќи сакал луѓето да дознаат што се случува во Сирија.
„По две недели, имавме акција за спасување на луѓе чии домови беа бомбардирани. Спасивме дете под урнатините и јас го овековечив тој момент. Тогаш донесов одлука да ја продолжам мојата мисија“, изјави Кхалиб за СИ-ЕН-ЕН.
Тој вели дека е многу лесно да убиеш некого, но е многу тешко да спасиш нечиј живот.
„Имаше многу тешки моменти изминативе години. Имаше голем масакр во кој беа убиени 100 луѓе. Тоа беше најтешкиот ден за мене, бидејќи видов илјадници делови од човечки тела. Ги гледав мртвите луѓе, кога се вратив дома ги сонував, ги гледав кога бев буден…со денови…“, раскажува тој.
Спасувачите од „Сините шлемови“ и Кхалиб сакаат војната во Сирија да запре веднаш, да ја изградат повторно земјата, да никнат нови болници, универзитети, куќи, да ја ослободат државата и бегалците да се вратат дома.
Кхалиб планира во иднина да заврши со неговото образование, и да студира новинарство.
извор: СИ-ЕН-ЕН