„Вербата дека ВМРО-ДПМНЕ може да си ги врати високите вредности почна да воскреснува со најавата дека Професорот Кекеновски ќе се номинира за претседателски кандидат на претстојната партиска конвенција“, истакна денеска Игор Аврамовски Александров, Генерален раководител на Македонската православна заедница од Австралија.
Според МПЗА, Кекеновски е цврсто посветен на слободна, суверена, правна, граѓанско-македонска држава, во која сите граѓани ќе бидат еднакви пред законот, независно од политичката или економска моќ, партиската определба, етничката или верска припадност и личните уверувања.
„Кекеновски го цени богатството во културната, етничката и верската разноликост, како и во слободата и уникатноста на поединецот, но го гледа и потенцијалот на она што ги обединува луѓето и што им овозможува рамноправно да живеат и творат според личните и групни вредности, без притоа да ги нарушуваат правата на оние кои размислуваат, зборуваат или изгледаат поинаку.
– Кекеновски нема да толерира дискриминација на етничка или верска основа ниту кон етничките малцинства, но ниту кон етничките Македонци.
– Притоа нема да ги задоволува етнопартиските ексремисти кои во името на мултиетничка рамноправност функционираат надвор од законите што важат за сите други граѓани, кои се служат со политички насилства и злосторства и работат на етничко чистење и отцепување на делови на Република Македонија.
– Кекеновски е човек без валкано минато, за кого не може да се каже дека злоупотребил партиска или локалноуправна позиција, истакна Александров.
Во овие времиња кога македонските граѓани, политичари и јавни чиновници се под огромни внатрешни и надворешни притисоци да ставаат непосредни лични интереси над човековите права и слободи, над долгорочните национални интереси и над иднината на своите потомци, на Република Македонија и е потребен Претседател како Професорот Јове Кекеновски, кој докажал дека не може лесно да биде врбуван или покорен, иако може да биде разубеден со силни аргументи, а тоа се фундаментални особини за еден достоен водач и државник.




