Професорот Јове Кеновски кој ја најави својата кандидатура на Конвенцијата на ВМРО ДПМНЕ за избор на кандидат за претседател, на својот ФБ профил ја коментираше информацијата за петицијата која повеќемина јавни личности ја потпишаа со поддршка за нов мандат на актуелниот претседател Ѓорѓе Иванов.
Животот е чуден. Некому е доволно и развигорче в грб да го поттурне кон целта, а некому и тајфунот Кетрин му е недоволен. Претпоставувате за кого станува збор. Па зарем петте години претседателствување со државата не му беа доволни да обезбеди барем симболична поддршка од партијата?! И тоа од партијата која го промовираше и која му ја сервираше победата пет години порано. Зарем петгодишниот мандат, мандат кој гласноговорниците на апокалипсата го оценија како претседателска политичка ренесанса, не беше доволен за негова повторна промоција од “матичната“ (грешите, не мислам на левицата) партија? Што е тоа што “успешниот“ државник, државник кој, замислете, ја прошетал речиси цела Македонија, го натера да се обрати до македонските медиумски гуруа и тивко молејќи да побара “разумен компромис“?! А компромисот е едноставен – вие продолжете со труење на медиумскиот простор, а мене обезбедете ми поддршка за учество на Конвенцијата. Дилот беше склучен и сервиран на јавноста…
Навидум едноставна беше обврската на медиумските мешетари – да обзнанат потписи на дузина интелектуалци, професори, доктори и владици и преку своите јавни гласила да го промовираат петгодишниот победоносен од на нивниот миленик. Ама, нејсе, не испадна промоцијата на “реалниот компромис“ толку лесна – еден дел од потписниците на петицијата за поддршка испаднаа фејк, кој потпишал кој не потишал, а во недостиг на реални траги од неговиот мандат ни ја пласираа географската карта на Македонија.
Потписниците, очекувано, едни ја демантираа а други откако сами се провериле ја потврдија својата поддршка, а ние “откривме“ дека Претседателот во својот мандат ја посетил Битола, Прилеп, Гостивар, Охрид, Ногаевци, Валандово, Горно Дупени…, ма речиси 85% од нашата ни држава! АЛЛЛЕЛУЈА. Со пласирање на божемната поддршка како прва вест во нивните медиуми, мешетарите го “одработија“ своето и…останаа живи. Живи и смешни. Голи и смешни. Требаше уште малку да се потрудат да обезбедат поддршка барем од ЕДЕН член на потесното партиско раководство на “неговата“ партија. Ама, за нивна жал а на наша среќа, таму нема жонглери, камелеони и бурекџии (иако можно се да се појават и такви). Во врвот на ВМРО ДПНЕ треба да се наоѓаат цврсти личности, доследни на кажаното, таму хабитираат избраниците на народот. Размислувам, дури и самиот Рубикон да ми беше брат немаше да ги сложи коцките во моја полза подобро. Им благодарам на мешетарите, иако можеби ќе биде мал хендикеп ако на Конвенцијата се појавам како ЕДИНСТВЕН кандидат.
И да заклучам – на некои столбови не секогаш ветрот им дува в грб, туку в лице. А единствен ефект на овој “силен“ медиумски ветер може да биде црвенило на образот. А моето развигорче е силно. Моето ветре дува в грб. Ме турка полека, полека напред, кон 1. Март, денот на мојата и Ваша победа. Името на мојот ветар е НАРОД…




