„Немам загрозено ничиј живот, само ја извршував својата новинарска работа. Преку моите текстови открив како функционира судството и како функционираат структурите во МВР. Ниту еден текст напишан во „Репортер 92“ не беше демантиран. Заштитениот сведок, не знам кога стана заштитен иако сум бил кај него дома и имам разговарано со неговото семејство, каде ми објаснуваше за полициските тортури кои ги доживувал и притисоците под кои давал исказ во полиција“, се дел од завршните зборови на новинарот Томислав Кежаровски во судница.
Обвинетите во „Ликвидација“ се во притвор веќе петти месец по ред. Меѓу нив и новинарот Кежаровски кој стана дел од обвинетите за напишан текст во списанието „Репортер 92“.
Според Обвинителството тој го открил идентитетот на заштитениот сведок во случајот „Ореше“ и така му го загрозил животот.
Судскиот случај кој се одвива забрзано, се очекува следната недела да добие епилог.
– Моите текстови, рече Кежаровски, ја открија јавната тајна за работата на судовите и непочитувањето на судскиот деловник. Тие се и критика за работата на МВР.
Кежаровски како останатите обвинети во случајот, меѓу кои има и судии, адвокати и обвнители, побара ослободителна пресуда. За неговиот случај веќе неколку домашни и надворешни фактори изразија голема загриженост.




