Апелирам до жителите на главниот град кои имаат можност привремено да го напуштат Кијив и да одат некаде каде што има алтернативни извори на електрична енергија и топлина, повика градоначалникот Виталиј Кличко, пренесуваат медиумит.
Половина од станбените згради во Кијив, речиси 6.000, моментно се без греење откако клучната енергетска инфраструктура во главниот град беше сериозно оштетена во големиот руски напад извршен синоќа. Градот се соочува и со прекини во водоснабдувањето.
Градоначалникот на Кијив, Виталиј Кличко, изјави дека синоќешниот комбиниран напад бил најтежок за клучните инфраструктурни објекти во главниот град.
Комуналните работници ги поврзаа јавните објекти, особено болниците и породилиштата, со мобилни котларници. Заедно со енергетските работници, тие работат на враќање на електричната енергија и на греењето во домовите на жителите на Кијив, рече Кличко.
Градските служби работат во вонредни услови, додаде тој, а се предвидуваат тешки временски услови за наредните денови.
Исто така, апелирам до жителите на главниот град кои имаат можност привремено да го напуштат Кијив и да одат некаде каде што има алтернативни извори на електрична енергија и топлина, рече градоначалникот Кличко.
Нападот врз Кијив почна во вечерните часови, а до утрото повеќе од 500.000 потрошувачи во градот и околината останаа без електрична енергија.




